Силно невреме со огромни бранови и голема јачина на ветер го зафати Охрид денеска.
Поплавени се плажи, шеталиштето, како и угостителските објекти покрај крајбрежјето. Невремето го урна и Мостот на желбите, пренесуваат локалните медиуми.
Пријавени се и повеќе штети на возила и инфраструктурата во градот и околината.
Во Пештани, пак, скршено дрво предизвика застој во сообраќајот на патниот правец Охрид – Св. Наум, а поради оштетена инсталација, има и прекин во снабдувањето со струја.
Нивото на Охридското Езеро е над дозволениот максимален водостој уште од вчера, а силниот ветер денеска предизвика бранови повисоки и од два метри, информираат надлежните.
Нестабилното време се очекува да продолжи и утре, под влијание на циклонот Хектор. Надлежните предупредуваат на поинтензивни врнежи од дожд, проследени со силен ветер и грмежи.
На социјалните мрежи се појавија повеќе видеа од невремето.