Силна поддршка од Наставнички пленум до студентите и професорите

Наставниците од Наставничкиот Пленум им даваат силна и недвосмислена поддршка на активностите кои ги преземаат Студентскиот и Професорскиот Пленум во нивните заложби за квалитетно образование.

„Фактот што студентите и универзитетските професори се заедно и обединети во намерата да создадат такво образование, само е потврда дека надлежните институции треба да се замислат за она кое очигледно до сега е пропуштено, но кое сé уште може да се надокнади. Неподготвеноста на претставниците на МОН да ги слушнат аргументите на оние кои се директно засегнати од новите законски измени, говори дека оние кои ја имаат општествената одговорност за градење силен образовен систем, не се подготвени да го чујат гласот на студентите и на оние кои во секое општество го носат приматот „Предводници“. Ги повикуваме надлежните, да направат целосна ревизија на Законите за високо, средно, основно, да искажат подготвеност за вистински дијалог и сите заедно да изнајдат модел кој во наставната пракса нема да биде извор на проблеми, туку модел за решенија“, се вели во нивното соопштение.

Наставниците додаваат дека не може да се ревидираат само некои делови од новите законски решенија за високото образование, туку е потребно градење целосно нов концепт на високото образование, но и целосна ревизија и на Законот за основно и средно образование затоа што постои силна поврзаност и испреплетеност во уписните политики помеѓу сите три нивоа на образовниот процес.

Во соопштението, поктај до Пленумците, тие се обратија и до претставниците на МОН.

„Ако Вашите намери за градење квалитетно високо образование се искрени, дозволете да Ве потсетиме дека дијалогот подразбира комуникација. Ако увото на оној кому говорите не е подготвено да Ве слушне, не постои комуникација. Затоа денес, покажете дека сте отворени, заедно да ги вложите напорите во градење образовен систем од кој ќе произлезат луѓе подготвени да го градат општеството“, се наведува во писмото на Наставнички пленум.