Силна осуда од новинарските здруженија за обидот за воведување цензура

Новинарски здруженија од земјава и регионот го осудија предлог- законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали што во Собранието вчера попладне го поднесоа пратеници на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.

За Здружението на новинарите на Македонија предлогот ова е обид за воведување на цензура поради што се бара негово итно повлекување од парламентарна процедура.

„Со овој скандалозен предлог наместо очекуваното подобрување на слободата на изразување и независноста на медиумите, власта се обидува да ја елиминира слободата на говор и да им наметне на новинарите и медиумите за што смеат, а за што не смеат да ја информираат јавноста“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Тие потсетуваат дека новинарите се должни да објавуваат информации што содржат сомнеж за злоупотреби на сите носители на јавни функции и ги повикуваат политичките партии да престанат да се занимаваат со работи кои може да нанесат дополнителна штета кон новинарите и медиумите.

Со реакција вчера се јави и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Без сомнение овој предлог-закон е кршење на членот 16 од Уставот на Република Македонија во кој се наведува дека цензурата е забранета. Предлог законот недвојбено преставува обид за цензура која е неприфатлива за која било земја која сака да се декларира како демократска.Одредбата во која се предвидува дека“тој што неовластено поседува, обработува и располага на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации, ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години” дополнително ја загрозува кревката слобода на изразување и ќе преставува сериозна закана за работата на новинарите“, посочуваат од синдикатот.

И Медиумската организација на Југоисточна Европа (СЕЕМО), со седиште во Виена е загрижена за предлог законот за забрана на објавување и поседување на прислушуваните материјали.

„Прво, не е прифатливо и е против основните човекови права да се прислушува народот како што е сторено во Македонија во изминатиов период. Ако новинарот од некои извори ги добие прислушуваните материјали и ако детали од прислушувањето се од јавен интерес, тогаш медиумите имаат право да ги објават.

Се разбира, секој кој го има овој материјал в раце, мора да ја заштити приватноста на лицата кои се прислушувани, но ако со оваа информација јавноста ќе биде запознаена со нелегални активности на државата, корупција и криминални активности на лица кои извршуваат јавни функции, тогаш јавноста има право тоа да го знае“, изјави генералниот секретар на СЕЕМО, Оливер Вујовиќ.

Со предлог законот се предвидува казна затвор од најмалку 4 години за тој што неовластено поседува, обработува и располага на кој било начин со материјалите од прислушкуваните разговори. Истата казна е предвидена и за оние што неовластено ќе објават или пренесат прислушувани или тонски снимени разговори или делови од нив, или нивни транскрипти, во Македонија или во странство.

Граѓанското движење „АЈДЕ“ за попладнево во 18:00 часот најави протест пред Собранието по мотото „Стоп за цензурата! Не ги даваме бомбите!“