Силен земјотрес ја погоди Турција, загинаа најмалку 20 лица

Силен земјотрес од 6.8 степени синоќа го погоди ретко населениот дел од источна Турција. Во земјотресот загинаа најмалку 20 лица, повредени повеќе од 900, триесет лица се заглавени во урнатините од срушените згради, соопштија турските власти

Како што пренесува Ал Џазира, спасувачките екипи од соседните провинции излегоа во погодените области, работејќи во темница, на минусни температури. Министерот за одбрана Хулуси Акар рече дека армијата е во состојба на готовс, доколку е потребна помош.

Стотици жители останаа без покрив над главата или со оштетени домови. Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави дека службите трагаат по 30 лица заробени под урнатините.

Земјотресот се случи во 20:55 часот по локално време, на длабочина од 6,7 км во близина на градот Сивриџе во Елазиг, соопшти претседателството за управување со катастрофи и вонредни состојби. Потоа следеле и неколку последователни потреси, од кои најсилните од 5,4 и 5,1 степени.

Елазиг се наоѓа на околу 750 километри источно од Анкара. Земјотресите во Турција се чести. Два силни земјотреси ја погодија северозападна Турција во 1999 година, при што загинаа околу 18.000 луѓе.

Во земјотрес со јачина од 6 степени,  во 2010 година загинаа 51 лице во Елазиг.