Силен земјотрес го погоди Загреб, граѓаните на улица и покрај коронавирусот

Два силни земјотреси утрово го погодија хрватскиот главен град, Загреб. Првиот посилен потрес бил регистриран во 6 часот и 24 минути со јачина од 5,3 степени според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, додека вториот бил со јачина од 5 степени.

Низ градот повеќе луѓе се повредени, а хрватските медиуми пренесуваат дека по земјотресите во критична состојба се наоѓа 15-годишно дете.

Земјотресот нанел голема материјална штета околу централното подрачје на градот, со срушени фасади паднати на паркирани автомобили, и срушени ѕидови, а противпожарни служби ги санираат најприоритетните оштетувања. Според изјавите на локалните жители, земјотресот бил многу силен и дека во нивните домови паѓале полици, разни предмети, а во некои делови се прекинувала струјата и водата.

На фотографиите можат да се забележат луѓе кои од страв излегле надвор од своите домови, но она што дополнително ја усложнува целата ситуација е кризата со коронавирусот Ковид-19 во која и националните и светските препораки се да се спречува со социјално дистанцирање и изолација во домовите. Јутарњи лист пренесе дека на бензинските пумпи низ Загреб биле создадени огромни колони со возила.

„За вирусот, земјотресот нема значење. Тој се шири со своја логика. Сите вие кои сте надвор, Загреб е епицентар, оддалечете се едни од други. Знам дека сега е солидарна поддршка да бидете во групи со своите најблиски, пријатели и роднини, но оддалечете се едни од други бидејќи го загрозувате и сопственото здравје како и здравјето на вашите најблиски“, изјавил министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.