„Sic semper tyrannis“ – говорот на Данило Крстовски, трето место на Ораторската вечер „Иво Пухан“

Говорот „Sic semper tyrannis” на Данило Крстовски, студент на политички студии при Правниот факултет „Јустинијан први“ , го освои третото место на годинешната Ораторска вечер „Иво Пухан“.

На финалната вечер говореа вкупно осум студенти на актуелни теми. Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува говорот на Крстовски:

Владеење на народов. Кованица осмислена од боговите. Настојувајќи да ни служи нам-бедниве смртници. Ние не сме совршени. Игноранцијата и нетолерантноста на една индивидуа нè загрозуваат. Спознајноста и емпатијата на друга нè сплотуваат. Еве зошто Черчиловите зборови нѐ прогонуваат.

Демократијата е најлош облик на владеење, но најдобар спрема сѐ досега виденото. Нашево поднебје е мошне запознаено со сево ова. Подложно на познати, но сепак минливи маневри. Изобилие на квази-афоризми од властите, инфлација на костумирани демагози со клептократски манири. Со безгласни академици, со псевдомеритократија, со тези неиздржани, со јавното мислење – плод на независноста на аналитичарите.

И Гане се прашуваше: „Еј Македонијо, малодушна и кибарна, кај ти е без нас алов!?”.Со двојно пониски плати во академскиов сектор од најниските во Европа. Со УКИМ, гордоста наша, во тесна трка за 2000-то место на листата на Шангај. Со просечен студентски животен стандард, најнизок на Балканов!

Визионери и владетели! Ни ја ограничувате ли иднината? Ги искривувате образовните контури на младинава. Ги роботизирате младите според принципот „наведнатата глава, сабја не ја сече“. Ги наградувате умерените, оти сте диктатори на просечноста!

Погледнете! Море од хипокрити и загрижени светски лидери.  Ве загрижува ли ова? Толку долго сме во сенкиве, што ја заборавивме светлината. Отуѓувани од нашиве вредности. Деморализирани и не признавајќи ги доблестиве наши. Мноштва битки кои не ги чуствуваме, жртви кои не ги гледаме.

Генерацијо! Сегментирана со различни договори, затруена со архаични поделби. Нè убедуваат дека сме различни. Дека еден треба да е над друг. Нè залажуваат  дека не живееме заедно, страдаме, плачеме. Сега треба да се изградиме, а негативната селекција владее.

Секој самиот е господар на сопствената судбина. Да ја твориме и славиме. Слободоумностите да ни се светилници. Стремежите кон демократијата да ни се потреба. Протестите, граѓанските непослушности столбовите на човековите права. Учествувања во системов, традиција. Нека конечно, нашава појава ги ослепи. Нашиов крик нек ги оглуви. Нашава сплотеност, онеме!

Елате, браќа муслимани! Да тргнеме против вашиве и нашиве душмани. Македонија е наша заедничка мајка и викат на помош. Елате, да скршиме синџири на ропствово! Да куртулиме од маки и страданија, да пресушиме рекиве од крвој и солзи! Елате, при нас браќа! Да си ги слејме душиве и срцава и спасиме! Та ние и нашава чељат и прачељат да живејат мирно. Да работат спокојно и да напредуат!

Кога беше најтешко, вечните соседи беа едно. Кога аскерот сакаше, не му дозволивме. Кога нè поделија, преживеавме. Sic semper tyrannis!