Шведскиот документарен филм во фокус во августовската филмска програма на Кинотека

Од 10 до 15 август во Кинотека започнуваат Деновите на шведскиот филм, а публиката ќе може да проследи проекции на шведските документарни филмови „Предрасуди и гордост“, „Историја -конци за сами“, „Децата на непријателот“, „Една приказна за госпел хорот Тенста“, и „Сабаја“.

„Шведските документаристи не само што низ критичка призма го перцепираат сопственото општество, туку ги откриваат и личните судбини на поединци од различни социјални слоеви кои инаку не би биле препознаени од јавноста“, велат од Кинотека.

Шведскиот квир филм „Предрасуди и гордост“ ќе се прикаже  на 10 август, четврток, со почеток во 20 часот, додека филмот „Историја – конци за сами“ ќе се прикаже на 11 август, петок, во 20 часот.

Во сабота, на 12 август, во 20 часот ќе се одржи проекција на „Децата на непријателот“,  а филмот „Една приказна за хорот Тенста“ ќе биде прикажан во понеделник, 14 август, со почеток во 20 часот.

Програмата со фокус на шведскиот документарен фил ќе заврши на 15 август, вторник, со прикажувањето на филмот „Сабаја“ во 20 часот.

„Селекцијата на документарните филмови што ќе имаме привилегија да ја видиме, најдобро го потврдува неоспорниот факт дека новиот шведски документарен филм изобилува со интригантни стории, на оригинален начин пренесени на големото платно. Веруваме дека тоа не само што ќе продолжи, туку ќе се искачи на уште повисоки скалила на квалитетот“, велат од Кинотека.