Шведски хотели нудат поврат на пари во случај на развод

Ланец хотели од Шведска нуди поврат на парите на двојките кои се развеле една година откако престојувале во нивните капацитети.

Иницијативата на оваа хотелска групација е да ги охрабри сопружниците да поминуваат повеќе време заедно и да работат на нивната врска. Тие нудат „гаранција за врската“ на мини одморите во нивните хотели. Доколку работите не се развиваат во најпосакуван правец и бракот заврши по една година, тогаш групацијата ќе им врати пари во вредност од дводневен престој во хотелите, пренесува ББЦ.

Петра Фагрел Јансон која управува со еден од хотелите не се плаши од фактот дека е ова скапа понуда. Таа вели дека тоа патување можеби е сè што на луѓето им е потребно за да ги решат своите брачни проблеми.

„Секому му треба малку повеќе време за својата врска и мал одмор од секојдневниот живот“, вели таа.

Дел од условите за оваа понуда се дека двојките мораат да бидат венчани, да престојуваат во иста соба и да ја наведат гаранцијата за нивниот однос кога ќе ја направат резервацијата. Доколку двојката се разведе и сака да си ги врати парите треба како доказ да пријави и судски документ.

Службеничката за маркетинг Ана Мадсен вели дека некои луѓе биле изненадени од идејата и прашувале дали се работи за шега, но, понудата е вистинска. Таа вели дека е потребен „радикален пристап“ за луѓето да сфатат колку можат да добијат доколку заминат некаде и си посветат доволно време едни на други.