Шведската Влада сака да го исфрли поимот раса од законодавството

Шведската Влада сака поимот раса да исчезне од шведското законодавство, јави дописникот на МИА од Гетеборг. Предлогот воедно наидува на критика од страна на Афро-шведскиот сојуз, кој смета дека поимот раса е важен кога станува збор за борбата против дискриминација.

Шведската Влада сака да го исфрли поимот раса

– Ние знаеме дека всушност не постојат различни човечки раси. Исто така знаеме дека суштината на расизмот е во тоа што се верува дека постојат различни раси, дека расната припадност прави човек да се однесува на одреден начин, и дека извесни раси се супериорни во однос на други, вели шведскиот министер за интеграција Ерик Уленхаг.

Според него, поимот раса има негативна конотација и претставува ризик за поттикнување на предрасуди. Затоа тој збор треба да биде исфрлен од текстовите на шведските закони.

Прашањето околу поимот раса и расна припадност е контроверзно и е предмет на повеќедецениска дебата.

Оние кои се залагаат поимот раса да остане во употреба сметаат дека станува збор за поим што е од полза за да може фактички да се согледа и признае егзистирањето на расизмот. Со таквиот поим е полесно да се констатира дека извесни групи се навистина изложени на расизам.

– Поимот раса е нешто што ние во рамки на Афро-шведскиот сојуз го актуелизираме подолг период. Тоа, пред се, е добар инструмент за да може да се укаже на структурната дискриминација во општеството, која погодува значаен дел граѓани само поради бојата на нивната кожа, вели Закарија Зухир од Афро-шведскиот сојуз за Шведската телевизија.