Шведската инди-рок група „Mando Diao“ на „Таксират“

Шведската инди-рок група „Mando Diao“ („Мандо Диао“) својот премиерен настап ќе го има на јубилејниот 20-ти „Таксират фестивал“ во Скопје.  Славниот бенд ќе настапи како еден од хедлајнерите на главната фестивалска вечер на „Таксират“, на 8-ми декември, во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

„Mando Diao“ започнаа да творат во 1999-та година, и за 19 години постоење снимија 8 студиски албуми. Уште со првото нивно издание „Bring ‘Em In“ во 2002-ра година ја освоија сцената во земјата од која потекнуваат, а чија музичка репутација е неспоредлива, но секој следен албум значително им ја зголемуваше популарноста и на интернационалната сцена. Нивниот стил оформен со гаражен рок/поп/инди звук и извонредната енергија на настапите во живо беа многу бргу препознаени, па набргу светската критика и фановите ширум светот се согласија дека „Mando Diao“ е еден од најдобрите бендови на современата рок сцена“, велат од „Пасворд продукција“.

Со голема популарност и на балканските простори се стекнаа по излегувањето на албумот „Give Me Fire!“ во 2009-та година и огромните хитови кои бројат десетици милиони прегледувања на „ЈуТјуб“ – „Dance With Somebody“ и „Gloria“.

Значајни промени во звукот, но и во текот на кариерата на „Mando Diao“, направи албумот „Aelita“ кој од алтернативниот рок ги одведе кон синт-поп и њу вејв звукот.

„Таксират“ годинава го прославува своето јубилејно 20-то издание. „Mando Diao“ е првиот потврден изведувач, а наскоро ќе бидат обајвени уште многу други значајни музички имиња за оваа вечер, информираат од „Пасворд продукција“.

На фестивалот ќе има три бини, со капацитет за повеќе од 10.000 посетители. Билетите ќе бидат во продажба од понеделник, 8 октомври. Првите влезници со најповолната цена за главната вечер ќе чинат 500 денари и ќе се продаваат во многу ограничен број. Продажбата на билетите ќе се одвива онлајн и на сите благајни во продажната мрежа на МкТикетс.