Шведска повторно го отвори случајот против Асанж за силување

Шведското Обвинителство најави дека повторно ја отвара истрагата за случајот против Џулијан Асанж за силување, објави „Гардијан“.

Обвинителите ја запреа истрагата во 2017 година додека Асанж престојуваше во амбасадата на Еквадор во Лондон. Тие изјавија дека истрагата може повторно да се отвори ако ситуацијата се промени.

Асанж беше отстранет од амбасадата на Еквадор минатиот месец, после седум години престој, откако еквадорската влада го повлече неговиот азил.

Асанж исто така се товари со второ обвинение поврзано со сексуален напад кое беше отфрлено во 2015 година, заради застареност на случајот. Тој ги негираше и двете обвиненија покренати против него.

Веднаш по неговото апсење, властите на САД побарале негова екстрадиција поради случајот поврзан со Викиликс, кој се однесува на протекувањето сензитивни воени и дипломатски документи.

Тој се соочува со обвиненија од САД дека заедно со поранешниот разузнавачки аналитичар, Челси Менинг, превземале класифицирани информации. Со обвинението му се заканува затворска казна до 5 години.

Наводите на шведските власти датираат од 2010 година.

Од „Викиликс“ изјавија дека повторното отворање на случајот му дава шанса на Асанж да го обели образот.

„Откако Џулијан Асанж беше уапсен на 11 април 2019 година, постоеше значителен политички притисок кон Шведска за реотварање на судската истрага“, изјави Кристин Храфнсон, главниот уредник на „Викиликс“.