Шведска најбезбедна за ЛГБТИ туристи – Македонија на 74. место

Американскиот блог „Ашер и Лирик“ неодамна направи листа на 150 земји рангирајќи ги според нивниот т.н. „ЛГБТИ индекс за опасност“. Собирајќи податоци од низа интернационални извори, тие ја создале оваа листа со цел ЛГБТИ туристите полесно да откријат колку земјата која ја посетуваат е безбедна и толерантна кон нивната сексуална ориентација.

Нa врвот на листата е Шведска, по што следуваат Канада и Норвешка, како земји каде истополови бракови се легализирани и постојат строги закони за заштита против дискриминација на ЛГБТИ лицата.

На последно место на листата, пак, се наоѓа Нигерија каде хомосексуалноста е казнива со казна затвор и до 14 години, а во одредени случаи и со смртна казна. Зад неа, на 149 место е Катар каде било кој хомосексуален акт е казнив со казна затвор од 1 до 3 години или во одредени случаи со смртна казна.

Индексот ја стави нашата земја на 74 место, оценувајќи ја со 4+ (на скала од 1 до 6), истакнувајќи дека постојат одредени закони за заштита на луѓето од дискриминација по нивната сексуална ориентација. Исто така, е наведено дека помалку од една четвртина од испитинаците на кои им било поставено прашањето „Дали ова место е добро за живот на гејови или лезбејки?“ одговориле позитивно.

Интересно е да се напомене дека во топ 15 земји има и една африканска земја – Јужна Африка, која котира на 14 местото, веднаш зад Данска и Холандија, додека пак речиси сите други африкански земји се наоѓаат во долната половина на скалата.

„Индексот за опасност“ е направен од американскиот пар Ашер и Лирик Фергусон, кои користеле 8 фактори: дали истополови бракови се легални во земјата, дали и колку земјата почитува работнички права на ЛГБТИ работниците, колкава е заштитата против дискриминација, дали е криминализирано насилството врз тие лица, дали им е дозволено посвојување деца, дали е сеопфатно добро место за живеење според анкетираните лица во земјата, дали е нелегална истополова заедница и дали постојат некакви пропаганди или закони за морал посветени кон заштита или напад врз ЛГБТИ лицата.

На самиот крај на извештајот има наведено 37 совети за побезбедно патување на ЛГБТИ лицата споделени од неколку експерти.