Швајцарските функционери на службени патувања ќе мораат со воз наместо авион за помалку штетни емисии

Швајцарската влада одлучи сите функционери на федерално ниво во иднина да користат железнички транспорт за своите службени патувања, наместо авионски летови.

Како што е наведено во соопштението, тоа е во согласност со минатогодишната одлука за намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 30% до 2030 година. Дополнително, властите се заложиле да се користи што е можно повеќе „зелена енергија“.

Во соопштението се наведува и список на градови во кои од 1 јули сите федерални функционери ќе мора да патуваат со воз, а меѓу нив се Париз, Фиренца, Лајпциг и Салзбург.

Од Владата нагласуваат дека патувањето со воз ќе биде задолжително без оглед на тоа што е побавно од авионскиот транспорт.