Швајцарскиот филм „Хронофобија“ вечерва премиерно во Кинотека

Швајцарската драма „Хронофобија“ во режија на Франческо Рици вечерва во 21 часот ќе биде премиерно прикажан во Кинотека на Македонија.

Во главните улоги се познатата швајцарска актерка Сабине Тимотео и италијанскиот актер Виничио Маркиони, а станува збор за хроника на невозможна љубовна приказна.

„Сатер е осамен човек, кој е во постојано движење, бегајќи од себе. Преку ден, шета низ Швајцарија со бело комбе, додека преку ноќ тајно го набљудува животот на една друга осамена личност: Ана, млада жена што страда од сложен облик на тага. Откако ја открива неговата опседнатост со неа, се создава необична врска меѓу нив. Но оваа кревка рамнотежа за кратко време ќе биде уништена, кога Ана ја открива мрачната тајна на Сатер“, стои во најавата за филмот.

Филмот е победник на Филмскиот фестивал во Богота за најдобар филм и режија, победник на Дурбан Интернационалниот филмски фестивал за најдобра монтажа, победник за најдобра режија и сценарио на фестивалот „Макс Офулс“, специјална награда од жирито на Филмскиот фестивал „Блек најтс“ во Талин и многу други награди и номинации’,

„Хронофобија“ требаше да има премиера на 7 август, но поради пандемијата со Ковид-19 премиерата беше одложена за почеток на октомври.

Филмот ќе се прикажува и во кината низ Македонија со поддршка на „Свис Филмс“. Дистрибутер е КТ Филм и Медиа.