Швајцарски уметници програмираа компјутер да купува по случаен избор од „длабокиот интернет“

Швајцарските концептуални уметници Домагој Смољо и Кармен Вајскоф програмирале еден лаптоп да купува предмети по случаен избор на ткн. „длабок“ или „темен“ интернет – нерегулираниот сајбер-простор на кој можат да се купат нелегални работи како дрога, оружје или човечки органи. Според идејата на уметниците, сите предмети кои ќе ги купи нивниот специјално изработен бот ќе бидат испорачани во една лондонска уметничка галерија, каде потоа ќе бидат изложени на посебна изложба, наречена „Пејзажот на темниот интернет“

Двајцата уметници велат дека имале одредени резерви околу проектот, поради тоа што не знаат што точно ќе купи нивниот лаптоп – ако се работи за евтини копии на патики, полицијата најверојатно нема да ги гони. Но, доколку ботот, наречен „Random Darknet Shopper“ купи тешка дрога или пиштол, уметниците би можеле да имаат проблеми.

Секоја среда, ботот ќе троши до 100 долари во биткоин, на предмет избран случајно на Alpha Bay, една од најголемите веб-страници на „темниот интернет“.

„Ова е во исто време возбудливо и измачувачко искуство. Не спијам најмирно вечерта пред лаптопот да купува. Тоа е нешто што е надвор од нашата контрола. Се чувствуваме ранливо, но во исто време и ни се допаѓа“, вели 36-годишниот Смољо, еден од уметниците.

Кога лаптопот бил изложен во Швајцарија минатата година, тој купил пар „фалц“ патики Најк, фармерки од Кина и десет штеки цигари од Украина. Швајцарската полиција се заинтересирала кога купил десет таблети екстази, кои биле изложени како дел од уметничката инсталација. Лаптопот бил запленет, а јавниот обвинител на Швајцарија морал да одлучи дали еден бот може да биде одговорен за криминал. На крајот, се освен таблетите им било вратено на уметниците, откако обвинителот го прогласил проектот за легитимна уметничка изложба. Двајцата уметници сега се надеваат дека и британските власти ќе имаат сличен поглед на нивниот проект.