Швајцарската полиција растури протест на активисти за климатските промени

Швајцарската полиција вчера во текот на ноќта го растури протестот на повеќе од стотина демонстранти кои бараа дополнителни мерки во борбата против климатските промени, откако претходно 48 часа беа собрани пред Сојузниот парламент во Берн, пренесува српски „Н1“.

Полицијата го огради просторот пред парламентот за да го отстрани импровизираниот шатор кој го поставија демонстрантите. Безбедносните сили побараа од активистите да го напуштат просторот. Неколку десетици ги послушаа, додека останатите беа принудени да се разотидат околу 3 часот и 30 минути.

„Во операцијата која мина мирно, никој не е повреден“, рече портпаролот на полицијата во Берн. ‘

Во текот на целата акција, демонстрантите пееја и извикуваа „Заштитата на климата не е кривично дело“.

„Полицијата синоќа беше инструмент за политичко незнаење“, напишаа на Фејсбук активистите од движењето „Климатски штрајк – Швајцарија“ и оценија дека „институционалната политика го стори она што го правеше со децении, активистите за климата ги третира како проблем, а не климатската криза“.

Собирот на сојузниот плоштад, каде од 1925 година се забранети демонстрации за време на парламентарните седници, претставуваа почеток на неделата за климатска акција.