Швајцарија го одби предлогот сите жители да добиваат основен приход од 2500 франци

Околу 78 проценти од швајцарските жители го одбија предлогот да добиваат основни примања, без разлика дали работат или не.

Доколку законот би бил усвоен, секој легален жител на Швајцарија би примал основен приход од 2500 швајцарски франци (околу 2260 евра) секој месец, без разлика дали е вработен.

Поддржувачите на основниот проход велат дека половина од работата која се извршува во Швајцарија не е платена, како домаќинска работа и грижа за заедницата. Според нив, ваквите примања би помогнале оваа работа да биде „повеќе ценета“, пренесува Independent.

Критичарите пак, го нападнаа концептот бидејќи нема план за тоа како ќе се финансира скапата политика, за што поддржувачите велат дека е одговорност на швајцарскиот парламент.

Ниту една од партиите не го поддржа предлогот.

Еден од клучните проблеми на референдумот беше посочен од страна на десничарската Партија на швајцарскиот народ. Според нив, новата политика би предизвикала огромна имиграција, поради договорот на Швајцарија со 28 земји-членки на Европската унија, според кој тие слободно можат да се преселат во државата.

Освен за основните примања, се гласаше и за четири други предлози, меѓу кои и забрзување на постапката за добивање азил, кој беше прифатен со 66 проценти од гласовите „за“.

За предлог да биде изнесен на референдум, во Швајцарија мора да се соберат 100000 потписи на петиција.