Швајцарец осуден бидејќи „лајкнал“ расистички коментар на Фејсбук

Швајцарскиот суд му одреди парична казна на 45-годишен маж поради „лајк“ на коментари на Фејсбук кои содржат клевета и говор на омраза, во прв случај од ваков вид.

Според изјава од Околниот суд на Цирих, човекот го обвинил активистот за права на животните, Ервин Кеслер, за расизам и антисемитизам и „лајкнал“ неколку коментари од други луѓе за Кеслер, кои се сметаат за клевета.

Коментарите биле направени во 2015 година, во жестоки дискусии на неколку Фејсбук групи за тоа на кои организации за заштита на животните треба да им се дозволи да учествуваат во вегански уличен фестивал, јавуваат швајцарски весници.

Кеслер тужел повеќе од десет луѓе кои коментирале. Неколкумина веќе биле осудени поради случајот, претежно поради коментарите кои ги направиле. Но, пресудата поради „лајкување“ на коментари направени од други, е прв ваков случај во светот.

Судот вели дека не е важно дали коментарите потекнуваат од обвинетиот, чие име не е јавно познато. Преку кликање на „лајк“ копчето, тој „јасно ја поддржал непристојната содржина и со тоа ја направил своја“.

На обвинетиот поради „повредување на честа на Кеслер“ му е одредена парична казна од 4.000 швајцарски франци.