Швајцарците одлучно го отфрлија предлог-законот за депортирање на странците

Швајцарските избирачи вчера на референдум со речиси 60 проценти од гласовите го отфрлија контроверзниот предлог-закон на десничарската Швајцарска народна партија (SVP) за автоматско депортирање на странците кои ќе сторат какво и да е кривично дело.

Швајцарскиот референдум се одржа во периодот кога немал број европски земји ги заострија своите политики кон имигрантите, а тамошните јавности жестоко се спротиставуваат на доселувањата, откако над милион бегалци во 2015 година влегоа во Европа. Воедно, според неговите противници, предлог-законот претставуваше и тест за швајцарскиот правен и политички систем на директна демократија.

Според конечните резултати, 58,9 отсто од избирачите гласале против предлогот странците коишто живеат во Швајцарија да бидат автоматски протерани доколку сторат кривично дело, без разлика на тежината на прекршокот и независно од тоа колку долго живеат во Швајцарија.

Според објавените податоци, 63 отсто од Швајцарците излегле на референдумот, што е значително повеќе од просекот на честите референдуми во оваа земја, кој изнесува малку повеќе од 40 проценти.

Освен SVP, сите други партии во парламентот се спротиставуваа на споменатиот предлог, а против него беше потпишан и манифест од група од 120 правни експерти и 270 поранешни и сегашни парламентарци.

Според законот што го предлагаше SVP, државата не би ги депортирала само странците кои сториле убиство, силување или трговија со луѓе, туку и оние кои сториле помали прекршоци, како давање лажни сведочења, закани кон државни службеници или вандализам. Пресудите автоматски би воделе кон депортирање, а судиите повеќе не би имале право да ја проценуваат индивидуалната ситуација на секој обвинет пред да му биде изречена таквата казна.

Критичарите сметаа дека новиот закон би бил особено неправеден кој околу 400.000 ткн „секондоси“, втората генерација странци, коишто се родени во Швајцарија, но немаат швајцарско државјанство. Се предупредуваше, исто така, и дека таквиот закон би го кршел договорот на Швајцарија и Европската унија за слободното движење, што би можело дополнително да ги влоши односите меѓу Брисел и Берн, веќе нарушени со швајцарската одлука да ги ограничи доселувањата од земјите-членки на ЕУ и другите земји.

Пред три месеца анкетите предвидуваа дека ќе победат приврзаниците на депортацијата на странците, но две седмици пред референдумот, резултатот беше многу тесен.

Извор