Швајцарците на референдум одбија да се ограничи бројот на граѓани од ЕУ кои можат да живеат таму

Швајцарските гласачи го одбија предлогот на десничарска Швајцарска народна партија (СВП) за ограничување на бројот на граѓани од Европската унија на кои им е дозволено да живеат и работат во таа земја, пренесува српски „Н1“.

Партијата која го предложи ова тврди дека моменталната либерална имигрантска политика годишно носи околу 75.000 жители на ЕУ, што доведува до пренатрупаност, зголемување на трошоците за домување и притисок врз системот за социјална заштита.

Гласачите вчера го одбија предлогот со 61.7 отсто од гласовите, покажуваат официјалните резултати кои се совпаднаа со анкетите спроведени пред референдумот.

Според противниците на предлогот, тоа ќе доведе до недостиг на квалификувани работници и ќе го загрози швајцарското богатство. Резултатот на гласањето може да им даде нов поттик на преговорите помеѓу ЕУ и Швајцарија, во рамки на што би се регулирале овие, но и други билатерални прашања.

Референдумот се смета за важен тест за ставовите кон странците кои сочинуваат една четвртина од населението.

Доколку се усвоеше, предлогот дополнително ќе ги заостреше односите на земјата со ЕУ, каде Швајцарија не е членка. Исто така, тоа би можело да доведе до реципрочни неповолни мерки за стотици илјади швајцарски граѓани кои сакаат да живеат или работат во ЕУ.

Околу 1.4 милиони граѓани на ЕУ живеат во Швајцарија каде има 8.2 милиони жители, додека околу 500.000 Швајцарци живеат во земјите на ЕУ.

На сличен референдум во 2014 година, во Швајцарција со тесна разлика се изгласа ограничувањето на пристапот на граѓаните на ЕУ да живеат и работат во Швајцарија.

Меѓутоа, законодавците одбија целосно да го спроведат референдумот, стравувајќи од големо влијание врз швајцарското општество и бизнисот, што ја натера Народната партија повторно да го врати прашањето на гласање годинава.

Од последниот референдум, Швајцарија е сведок на личните и професионални превирања предизвикани од британскиот референдум за напуштање на ЕУ во 2016 година, особено за граѓаните на ЕУ во Велика Британија и Британците кои живеат на континентот.

Швајцарите во неделата гласаа за уште неколку прашања. Околу 60% го поддржале предлогот за породилно отсуство за татковците, при што ќе добијат 80% од платата. Гласачите со изненадувачки тесно мнозинство од 50.1% го подржаа и планот на Владата за издвојување на шест милијарди швајцарски франци за борбени авиони. Со тенко мнозинство од 51.9%, исто така, гласачите го одбија предлогот за измена на законот за лов на волци, со кој би се олеснило нивното убивање.