Шума колку Франција природно пораснала низ светот во последните 20 години

Шумска област со големина на Франција природно пораснала низ целиот свет во последните 20 години, покажува нова студија.

Обновените шуми имаат потенцијал да впијат 5,9 гигатони јаглерод диоксид – повеќе од годишните емисии на САД, пишува BBC.

Тим предводен од Светскиот фонд за природа користел сателитски податоци за да создаде мапа на регенерирани шуми.

Регенерацијата на шумите вклучува обновување на природната шума преку мала или никаква интервенција.

Ова се движи од ништо да не се работи до садење на автохтони дрвја, оградување на добитокот или отстранување на инвазивни растенија.

Вилијам Болдвин-Кантело од СФП вели дека природното обновување на шумите е често „поевтино, побогато со јаглерод и подобро за биолошката разновидност отколку активно засадените шуми“.

Но, тој рече дека регенерацијата не може да се земе здраво за готово.

„За да се избегнат опасните климатски промени, ние мора да го запреме уништувањето на шумите и да ги вратиме природните шуми“, смета тој.

„Уништувањето на шумите сè уште одзема милиони хектари секоја година, многу повеќе отколку што се обновува“, додава Болдвин-Кантело.

Атлантската шума во Бразил дава надеж, се вели во студијата, со површина приближно со големината на Холандија, која пораснала од 2000 година.

Во крајбрежните шуми на северна Монголија, 1,2 милиони хектари шума се обновија во последните 20 години, додека други жаришта за регенерација ја вклучуваат централна Африка и крајбрежните шуми на Канада.

Но, истражувачите предупредија дека шумите ширум светот се соочуваат со „значителни закани“.

И покрај „охрабрувачките знаци“ со шумите долж бразилскиот атлантски брег, уништувањето на шумите е толкаво што на шумското подрачје му треба повеќе од двојно зголемување за да се достигне минималниот праг за зачувување, велат истражувачите.

Еден од наједноставните начини да се отстрани јаглерод диоксидот од воздухот е да се засадат дрвја. Но, научниците велат дека вистинските дрвја мора да бидат засадени на вистинското место, за да бидат ефективни во намалувањето на емисиите на јаглерод.