Штулов универзитет: Македонските универзитети да работат според програмите на Европа и САД

Универзитетот на Југоисточна Европа (Штулов универзитет) предлага македонските универзитети да работат според студиски програми преземени од најдобро рангираните образовни институции во Европа и САД, објави МИА.

Според Замир Дика, ректор на Штуловиот универзитет, начинот на кој тоа би се спровело е рангирање на високообразовните институции и преку други инструменти за споредба на студиските програми, но без да се прави копи-пејст на програмата на другите универзитети.

„Во нашиот статут, освен другите определби е вметната и определбата за споредбеноста на студиските програми со меѓународните практики. Тоа ние го спроведуваме веќе 14 години. Мислам дека оваа определба е многу важна за високото образование во Република Македонија и за пазарот на трудот да биде споредбен со меѓународните практики. Тоа е и определба на Болоњската декларација дека една од суштинските промени е и мобилноста на знаењето, вештините и компетенциите“, изјави Дика за МИА.

За Министерството за образование и наука е прифатлив предлогот на Универзитетот на Југосточна Европа. Министерот Абдилаќим Адеми посочи дека предлогот ќе го подобри квалитетот на високото образование и ќе ја зголеми мобилноста на наставниот кадар и на студентите. Конечниот одговор, посочи Адеми, МОН ќе го даде при разгледување на измените на Законот за високо образование, кој е во второ читање во Собранието.

„Добивме конкретен предлог од Универзитетот на ЈИЕ околу можноста за усогласување на студиските програми на нашите универзитети со најдобро рангираните универзитети во светот. Тој предлог го разгледавме и делува како прифатлив затоа што сметаме дека преку тоа може да се зголеми квалитетот на високото образование во Македонија, но исто така и на универзитетите ќе им овозможи да се зголеми мобилноста на студентите и на професорите“, изјави Адеми.

Според него, тоа исто така ќе овозможи универзитетите полесно да стигнат до потпишување на меѓународни договори со најдобрите универзитети во светот, како и подобро искористување на европските средства од програмите Еразмус и Хоризонт 2020.

Предлогот на Штуловиот универзитет доби поддршка и од ректорот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство-ФИНКИ, Димитар Трајанов. Според него, предлогот е добар и значи добра основа на која понатаму може да се гради поквалитетно високо образование.

„Тоа би значело дека студиските програми што ги имаме ние треба да соодветствуваат на некој начин со тоа што се учи на најдобрите европски и светски универзитети. Во таа насока сметам дека идејата е добра и тоа ќе води кон подобрување на квалитетот на високото образование во Републка Македонија, изјави Трајанов.

Сепак, ректорот на ФИНКИ смета дека треба да се земат предвид и спецификите на одредени професии со цел да се додадат соодветни предмети согласно со потребите на македонското стопанство.