Штрајкот на новинарите од МПМ прекинува, ССНМ констатира дека ситуацијата и понатаму е критична

Со префрлањето на платата за јануари се исполнети две од трите барања на синдикатот, па штрајкувачниот одбор на „Дневник“ и „Утрински весник“, заедно со штрајкувачкиот одбор на Вест, донесоа одлука за прекин на штрајкот.

Сепак, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) смета дека состојбата во компанијата МПМ, под чија капа се дневните гласила, е се уште критична.

„ССНМ со жалење констатира дека и покрај префрлањето на платата, ситуацијата на вработените во МПМ и натаму е критична и очекува од менаџментот да извлече поуки од речиси четири неделениот прекин на работата“, велат од ССНМ за Радио МОФ.

Од таму дополнително соопштуваат дека штрајкот е најнепосакуваното оружје на синдикалната борба од која никој не може да излезе како победник. Затоа, очекуваат дека одлуката за негов прекин ќе биде разбрана како „израз на добра воља во интерес на сите и мотив за востпоставување сериозен социјален дијалог во интерес и на сопствениците и на вработените кој ќе спречи сцените на протести и штрајк да не се повторуваат и во иднина“.

Инаку, изминатиов месец новинарите најпрво својот револт од односот на компанијата кон вработените го искажуваа излегувајќи на групна получасовна пауза. Потоа, штрајкуваа 2 часа, па 4, а од денес беше најавен 8-часовен штрајк. Весниците меѓувремено излегуваа во продажба, во преполовена форма, полнети со сервисни информации или текстови без наведен автор.

Б.Ш.