Штрајк на наставниците во Србија

Српските наставници денеска целосно ја откажаа наставата и нема да држат часови, туку ќе излезат да протестираат во Белград и сите други поголеми градови во земјата, јавува Радио Слободна Европа. Претставниците на синдикатот ќе тргнат во 12 од плоштадот Никола Пашиќ, а потоа кон Владата и Министерството за образование и наука. Штрајкот на наставата ќе биде само денес, а од утре, во поголемиот дел од училиштата часови ќе се одржуваат, но ќе траат 30 минути.

Министерот за образование Срѓан Вербич пак, тврди дека повеќето училишта денеска работат нормално. Тој за српските медиуми изјави дека нема да толерира ако на крајот од семестарот наставниците не ги формираат оценките.

„Јас не сакам да размислувам за сценариото каде некој нема да ги формира оценките. Училиштето постои поради учениците. Тоа значи дека не можеме да толерираме некој да не ги стави оценките“, изјави Вербич.

Министерот наведе дека предипредувачкиот штрајк бил според законот, но дека денешниот прекин на работата е нелегално и дека претставува неодговорен потег на синдикатот.

На ова се спротивстави, претседателот на Унијата на просветниот синдикат Драган Матијевич.

„Само да знаете дека никаде во светот, освен во Бурундина и во некоја друга држава, немаат закон во кој се вели дека просветните работници не смеат да престанат со работа. Тоа само се уште се случува во Србија, што е целосна глупост бидејќи тој закон е во целосна спротивставеност со Меѓународната конвенција за труд. Што и да се обидат да направат против просветните работници, ние ќе се жалиме“, изјави Матијевич.

Синдикатот излезе со три барања и тоа, образованието да се ослободи од законот во кој се налага намалување за десет проценти од платата бидејќи платата на наставниците е далеку под просечната плата. Второто барање се однесува на усвојување на закон за плати и трето е потпишување на посебен колективен договор и измени во Законот за основниот образовен систем.

Според Матијевич, ниту едно од овие барања не е договорено, што според синдикатот не им остава ништо друго освен да ги радикализираат протестите.