Што следува по изборите? Почнаа да течат уставните рокови за организирање на власта

Иако сè уште не е познат составот на новото македонско Собрание, од денеска почнуваат да течат роковите за организирање на државната власт.

Според Уставот на Република Македонија следува период, кој не смее да биде подолг од 20 дена, во кој треба да се конституира Собранието. Потоа Претседателот на Република Македонија е должен, во рок од десет дена, да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на паријата/партиите кои имаат обезбедено мнозинство во Собранието.

Ви ги пренесуваме деловите од членовите на Уставот на Република Македонија кои се однесуваат на организирањето на државната власт.

Член 63

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Член 84

Претседателот на Република Македонија:
– го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;

Член 90

Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.