Што се слушаше на Радио МОФ во 2018?

Годинава која измина се обидовме да ве информираме, едуцираме и забавуваме преку нашите аудио содржини. Направивме избор од 10 подкасти за 2018, кои веруваме дека го задржаа вашето внимание. Поголемиот дел од серијалот подкасти ги продолжуваме и во следната 2019.

Мегафон

Во ноември започнавме со втората сезона Мегафон, подкастот на редакцијата на Радио МОФ со кој секој месец, преку различни приказни и од различни агли, обработуваме тема која сметаме дека е значајна за јавноста.

Во продолжение ја издвојуваме првата епизода, која ја посветивме на проблемите на македонскиот образовен систем кои започнуваат од предучилишното образование, а продолжуваат и во основното и средното.

„Што е Муабетот Со…“

Се работи за нашиот најнов подкаст преку кој, во неколку минути, ќе се обидеме да разјасниме одредени теми за кои се зборува во јавноста. Очекувајте повеќе епизоди од „Што е Муабетот Со…“ во следната 2019 година, а во продолжение можете да го слушнете подкастот кој го направивме за да го појасниме начинот на електронската регистрација во системот на УЈП за пријавување персонален данок.

Седма Сила

Со серијалот подкасти Седма Сила, посветени на слободата на медиумите, опфативме неколку проблеми со кои се соочуваат новинарите, медиумите но и македонските граѓани во медиумското окружување.

Ја издвојуваме првата епизода за цензурата и автоцензурата во редакциите во која разговаравме со новинари од три земји во регионот, кои зборуваа за нивните искуства со овие проблеми.

Skills that Pay the Bills

Со овој серијал на подкасти сакаме да ве запознаеме со искуствата со кои се соочуваат македонските претприемачи, но и да инспирираме млади сè уште размислуваат дали да се одлучат за сопствен бизнис.

На самиот старт направивме интервју со Блаже Аризанов, претприемачот од Струмица, кој ни ја раскажа приказната за неговата компанија „StayUncle“ во Индија, која овозможува невенчани млади парови да си резервираат хотелски простор без да бидат предмет на морално малтретирање.

Јас сум Цако

Радио емисија на Александар Матовски-Цако, е една од најпрепознатливите на Радио МОФ. Во неа, тој става акцент на различни аспекти на животот на лицата со Даунов синдром и воопшто на лицата со попреченост.

Поларис

Емисијата на Марјан Болтевски, која се бави со разни тематики од областа на научната фантастика, фантазијата и хоророт годинава прослави јубилеј. „Поларис“ веќе четири години потхранува со информации и осврти од областа на непознатото, фантастичното и страшното.

Ја издвојуваме 100-тата епизода, која помина целосно во знакот на „Ghost In The Shell“, легендарниот манга серијал на Масамуне Широу.

Хип Хоп Манија

Обожавателите на хип хоп музиката не треба да се грижат. Нашиот човек Дино ака Бесниот Витез е овде да им ги претстави сите новости и настани поврзани со овој жанр.

Во продолжение, преслушајте ја неговата емисија, посветена на DJ Jazzy Jeff and the Fresh Prince.

The Geek’s Multiverse

Годинава на Радио МОФ за првпат ја имаме емисијата The Geek’s Multiverse, во која Данаил Јако зборува за стрипови, филмови, ТВ серии и видеоигри.

Guerilla Radio

Годинава, Гиле се врати со четврта сезона од неговата емисија посветена на алтернативната музика, со куп изведувачи во студиото на Радио МОФ. Во продолжение, слушнете ја последната епизода за 2018 со џез мајсторот Симон Киселички и Никол Јоциќ.

Црвен крст ќоше

За тоа какви акции прави Црвениот крст, за приказната на волонтерите и нивниот активизам, може да слушнете во една од најдолго емитуваните емисии на радио, Црвен крст ќоше.

Секси Маало

Младите волонтери на Х.Е.Р.А годинава беа доста активни и зборуваа на најразлични теми, од активизам и уметност до потребата од сексуално образование.

Бегалските приказни

Нина и Мвр од Младинскиот образовен форум годинава водеа пет епизоди во кои раскажуваа вистински приказни на бегалци и мигранти.

Тие го посетија Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово и позборуваа со барателите на азил во државава, од чии приказни ќе ја издвоиме приказната на Али Раза.

***

Целата листа со сите емисии е достапна на нашиот профил на Mixcloud.