Што се случува со Луна паркот во Скопје?

На местото на некогашниот Лина парк, во срцето на скопскиот Градски парк, сега има само ѓубре и едвај започнати градби. За време на нашата посета на ова место се врткаа неколку работници кои чистеа во околниот простор. Старите објекти се веќе срушени, а започната е изградбата на нови, но очигледно е дека има застој во активностите. Единствено што се забележува се новите пешачки патеки, дел од новото осветлување и една барокна карабина.

Со појавата на новиот забавен парк во градов, во близина на салата „Борис Трајковски“ се актуелизираше проблемот со изградбата на новиот Луна парк во Скопје. Градежните работи беа започнати пред повеќе од 2 години. Тој требаше да го замени стариот, дотраен и веќе нефункционален забавен парк.

На прашањето до каде е изградбата на Луна паркот, од Град Скопје велат дека работат на тоа граѓаните да добијат модерен парк во кој треба да се инкорпорираат идеите од стариот проект, но и да се направат одредени исправки.

„ Со новиот концепт, покрај реквизити за најмладите, треба да има и места за забава за сите генерации (целото семејство), во вид на посебни јавни површини и ресторани, поточно да се прави во вид на тематски забавен парк, кој не постои во нашиот регион освен во Солун и со тоа на еден начин ќе го стави Скопје на туристичката мапа. Во моментот кога ќе се финализира идејниот проект, ќе се прејде на наредната фаза и ќе се има целосна слика за тоа како ќе изгледа забавниот парк, како и за роковите за негово завршување“, стои во одговорот на Град Скопје за Радио МОФ.

Не прецизираат кога е во план да се отвори новиот забавен парк, колкави средства се потрошени за досегашните градежни работи, како и колку пари планираат да се одвојат за целиот проект.

По распишаниот тендер од страна на Град Скопје и поранешниот градоначалник Коце Трајановски, пред повеќе од 2 години започна отстранувањето на старите реквизти и градење инфраструктурата за нови, модерни содржини. Стариот проект беше прекинат веднаш по смената на градоначалниците, кога на местото на Коце Трајановски, дојде новиот татко на градот Петре Шилегов. На негова иницијатива изградбата беше прекината, постоечкиот договор беше раскинат и се распиша нов тендер за наоѓање на фирма која ќе ја доврши реконструкцијата. Според првичните најави, забавниот парк  требаше да биде отворен уште пред една година.

Според досегашните информации за јавните набавки и изјави од страна на Град Скопје, проектот за новиот парк беше изработен од страна на фирмата „Билд Урбан“ д.о.о.е.л., а градежните работи требаше да ги изведува фирмата „Жикол“. Тој проект требаше да чини од 6.5 милиони евра.

Луна паркот во Скопје беше единствено место од ваков тип кое го посетуваа огромен број луѓе од сите возрасти. Беше изграден во 1973 година. Идејата за негово реновирање во модерен забавен парк со повеќе реквизити беше примена со огромно задоволство од граѓаните, кои освен празни ветувања, се уште не го добија својот Луна парк.

Георги Божиновски