Што сакаат младите од идните градоначалници

Што сакаат младите од идните градоначалници, кои се најголемите проблеми во нивната општина, но и која би била нивната порака до идните градски татковци? На неколку дена пред локалните избори чиј прв круг е закажан за 17 октомври, разговаравме со неколкумина млади луѓе кои се исклучително активни во својата локална средина. Ова се нивните одговори:

 

Марио Паунов

*Очекувам од идниот градоначалник решавање на комуналните и сообраќајните проблеми, катна гаража и простор за паркирање, зголемување на површините со паркови и зеленила, заживување на градот на културен, спортски и уметнички план со инвестирање во повеќе спортски објекти и спортски клубови, субвенционирање на музичари и културни уметници итн.

Главниот проблем на младите во Кочани е тоа што тие не учествуваат во процесот на донесување одлуки и креирање младински и граѓански политики, како надополнување на ова е недостатокот на простор за млади од типот на младински културен центар или младински инфо-клуб каде младите ќе имаат можност да учат, да создаваат, да творат и креираат, да одржуваат настани, конференции, семинари и состаноци како и простор каде би се дружеле и запознавале.

Моја порака за кандидатите за градоначалници е да се стават на располагање на сите граѓани на општината без разлика на нивните различности и определби и да им служат на своите сограѓани чесно, искрено, транспарентно и континуирано. Во центарот на своите програми да им бидат младите и нивно инволвирање во политичкиот и општествениот живот како и поставување на професионалци, стручни и квалитетни кадри на кои ќе им дадат значење и вредност и со самото тоа ќе ги задржат младите овде каде сите заеднички ќе градиме подобро утре за сите нас. Кочани да биде општина во која гласот на младите ќе биде еднакво вреднуван и почитуван.

 

Арта Селмани

*Младите од идните градоначалници сакаат доверба, многу труд за подобрување на условите за живеење, соработка, овозможување средби за дискутирање, дебати, итн. Навистина, младите се многу разочарани од неможноста да им се понуди тоа што тие го бараат и го сакаат за постигнување. Подобри услови за образование, за да се стекнат знаења и сознанија која што ќе резултира на високи квалификации, која ќе овозможува подобри места за вработување во иднина.

Има доста точки што треба да се променат. Почнувајќи од начинот на живеење на младите, кои немаат доволно активности за занимање, кои се незаинтересирани и губат време во незначајни работи. Од време на време, гледајќи дека ништо не се менува, голем број од нив изгубиле интерес.

 

Ристе Лекоски

*Од идниот градоначалник очекувам отворени уши и навремено и агилно дејствување за задоволување на потребите и решавање на проблемите на граѓаните. Очекувам да зрачи со позитивна енергија, да биде прудентен лидер и алтруист на кого ќе му се восхитуваме за посветеноста.

Во Охрид најголемата потреба за сите млади е овозможување социјален простор, односно Младински културен центар, опремен за сите потреби на младите кои ќе го посетуваат и преку кој ќе ги реализираат своите идеи, ќе се интегрираат и разменуваат искуства, а секако и ќе се дружат и ќе излезат од секојдневната рутина што ги изолира од заедницата. Младите на разни начини ќе можат да творат, да развиваат вештини и способности што не се стекнуваат при формалното образование.

Тешко е посветено да се работи на повеќе полиња и да се удоволува на различни проблеми, но доколку идниот градоначалник добро го афирмира и го избере вистинскиот тим што ќе работи со него, ќе успее да изменаџира со потребите на сите сектори и да одговори на сите тековни барања. Што потранспарентно ја врши работата и ја одржи интеракцијата со различните категории на граѓани, ќе ја врати довербата во општинската зграда.

 

Дена Сачмароска

*Од идните градоначалници очекувам да ги исполнат ветувањата кои ги имаат дадено во своите предизборни кампањи, кон младите и кон сите останати граѓани. Очекувам да се повеќе отворени на идеите и предлозите на младите, да слушнат што ние сакаме и што ни е нам потребно во рамките на една општина. Исто така би сакала во иднина да видам повеќе жени да се кандидираат во локалните изборни кампањи. За жал, постојат голем број проблеми од кои тешко е да се издвои само еден. Мислам дека актуелна тема која сите лично ја чувствуваме е животната средина. Ова делумно е поврзано со отпадот кој мора да биде регулиран со подземни контејнери за одржување на поголема хигиена, потребно е да бидат поставени повеќе корпи за отпадоци, како и постојано одржување на истите. Потребна е поголема контрола на сите ,,диви депонии” кои ги среќаваме постојано. Покрај заштита на животната средина, исто така мора да се посвети поголемо внимание на загадувањето и сообраќајот, ова може да се постигне на многу начини. Многу битно за сите граѓани, особено за младите е достапноста на администрацијата, сите услуги треба да се дигитално достапни, да се одговара брзо и навремено по меил и телфон. Поврзано со оваа точка е исто така потребата од познавање на општинските советници, со име, презиме и слика, потребно е луѓето да знаат каде треба и каде може да се обратат и кој ги застапува нивните интереси. Дополнително нешто што сметам дека им пречи на сите граѓани, но особено на младата популација е градењето на огромни и гломазни комплекси од згради…

Порака до кандидатите за градоначалник – Не ме прашувајте само за време на избори за тоа што сакаат младите! Организирајте континуирани средби кои ќе бидат коректив на вашето работење, а воедно и место каде што младите ќе може да ги споделат своите идеи, а вие да помогнете во нивна реализација. Ние младите сме оние кои навистина се залагаме за подобрување на нашите услови на живеење, сослушајте не и помогнете заедно да направиме позитивни промени.

 

Теодора Милеска

*Од идниот градоналачник на Кисела Вода очекувам поголеми заложби за чиста и здрава животна средина, со посебен фокус на проширување на зелените површини и нови паркови, наспроти масовното градење на згради. Исто така и вклучување на младите во креирање на плановите за работа на општината, со што младите директно ќе може да придонесат во унапредување на општината во која живеат.

Мислам дека на листата на приоритети треба да е формирање на Локален младински совет. Затоа што само преку ваков вид на тело општината може да обезбеди значајно младинско учество и да ги препознае потреби и предизвици на младите луѓе и да цели кон нивно решавање во соработка со нив.

Порака до кандидатите за градоначалник – Не е само да се „сликате“ и да ги „слушнете“ младите. Уважете ги нивните мислења, предлози, и земете ги предвид во креирањето на активности за унапредување на општината во која заедно живееме.

 

Михаил Дивјакоски

*Од мојот иден градоначалник очекувам да биде присутен и да ги слуша барањата на граѓаните, но и да делува на истите, на развојот на култура на младите и обезбедување основни услови за културно развивање на младите.

Порака до кандидатите за градоначалник – Бидете тука за вашите граѓани, покажете дека се грижите за општината, и делувајте!

 

 

Станиша Станковиќ