Што порачуваат младите за Меѓународниот ден на млади?

Денеска, 12 август, се одбележува Меѓународниот ден на младите, кој со резолуцијата 54/120 на Обединетите нации е усвоен со цел постојано да се унапредува положбата на младите во општеството. Во светот има 1.8 милјарди млади луѓе на возраст од 10 до 24 години, а годинава тема на Меѓународниот ден е трансформацијата на образованието, за да се одбележат напорите за правење поинклузивно и подостапно образование за младите.

По повод Денот на млади, Радио МОФ праша неколкумина млади луѓе, каква порака тие би им пренеле на своите сограѓани.

Леана Таќи, спортистка, активистка и пејачка:

„Би им препорачала критички да ѝ приоѓаат на апсолутно секоја информација која им се пласира. Да не ги интересира просечната секојдневна политика која се води кај нас, но да се научат да ги читаат позадинските игри – и да сфатат дека тие го имаат клучот за вистинстките промени кои треба да ни се случат. Би ги учела на емпатија и на грижа за луѓето и животните околу нас. Би ги посоветувала да поминуваат што повеќе време во природа и на крај, никогаш да не престанат да сонуваат или пак да ја менуваат насоката на својот пат.“

 

Ерик Омерагиќ, басист, дел од „Палиндром“:

„Секој момент, ситуација или ново искуство во твојот живот, искористи го како навигационен систем за натамошни одлуки.“

 

Елена Данова, активистка и дел од движењето Fridays For Future:

„Како младински работник, посакувам младите да се среќни и полни страст за она што го прават во животот. Посакувам да ја чувствуваат својата моќ и да ја користат својата привилегија за доброто на заедницата и за доброто на светот. Сепак, светот е едно глобално село и сѐ што правиме, во која било локална заедница ќе рефлектира на големата слика за овој свет. Моќта којашто масата ја поседува е бесконечна. Кога знаеме што сакаме и кога знаеме како сакаме тоа да се случи мораме да бидеме најгласни што можеме и да ја искористиме својата моќ за позитивни промени. Секој од нас поседува одредени привилегии во една или во друга сфера. Тие привилегии мораме да ги гледаме и да ги употребуваме како алатка во борбата за подобро утре за сите, а особено во борбата за подобро утре за оние коишто се помалку привилегирани во одредена ситуација.“

 

Милош Б. Андоновски, театарски режисер:

„Не плашете се од збунување. Не плашете се ниту од големи цели. Ниту да го послушате својот внатрешен глас. Ни од падови, ни од успеси. Правете ги изборите што се ваши и исклучиво ваши, секогаш ваши – колку и да се погрешни тие се секогаш најточни. Дејствувајте за промени, лични и општествени. Останете млади во духот.“

 

Кристијан Караџовски, кинематограф, активист и член во невладината организацијата „Културно Ехо“:

„Мислам дека можеби поголемиот дел од младите, не си ги знаат правата, додека политичките партии тоа добро го знаат и го користат во свој интерес, па мојата порака е младите да се едуцираат за нивните права, да се борат за истите и да бидат гласни.  Да дефинираат што не им се допаѓа(има голем избор) и да заземат активен став према проблемот, да истражуваат кој се начините кој може да издејствуваат промена, а би додал дека не е толку страшно, и да бидат гласни , да зборуваат пред повеќе луѓе, да препознаат лажни авторитети (ги има многу) и др. Со други зборови, ако ние (младите) сме тивки, тогаш им даваме слободен простор на помалку искрените во приказнава, простор да тие бидат гласни, а сведоци сме дека многу добро знаат да го искористат, и го користат, и ќе го користат тој простор кој наивно им го отстапуваме, па така сме заглавени во магичниот круг на истите „функционери“  Да не бидеме тивки!“

 

Рита Бехадини, активистка и студентка на Универзитетот на ЈИЕ:

„Да читаат, најмногу, бидејќи знаеме дека денеска младите не читаат, а се друго доаѓа од тоа. А после тоа, многу да работат, знаеме каква е ситуацијата во Македонија. Но, секогаш со работа може се да се постигне.“

 

Мики Крстев, член на иницијативата „Младите на Штука-Иловица против рудникот“:

„Не трпете неправда во било кое поле од општественото живеење, не е грев само правењето зло туку грев е и кога знаете да правите добро а не го правите доброто. Не дозволувајте во иднина да ги отплаќате своите гревови вие и вашите поколенија. Не молчете – бидете гласни! На младите останува иднината, а иднината ја градиме самите.“

Мартин Колоски