Што останува по нас… на Интернет?

Кога со стискање на копчето „Се согласувам…“ (I agree…) на компанијата-газда на социјална мрежа или апликација ѝ даваме право да снима сè што правиме преку нејзиниот систем, најчесто не помислуваме дека со тоа учествуваме во создавање идна историска граѓа.

Мнозинството познати живи суштества информациите ги пренесуваат преку гените. Една од дефинициите за тоа што ги разликува луѓето од другите животни е тоа што знаат за своите дедовци и баби благодарение на други видови паметење. Успехот на човечкиот вид се заснова на способноста да складира и пренесува знаења, па многу веројатно луѓето ќе продолжат да ги прошируваат можностите на тоа поле.

До неодамна она што го имавме како семејно наследство се некои усно пренесени податоци кои бледнеат после генерација до две. Во македонски услови е многу тешко да се реконструира семејно стебло неколку стотици години во минатото како што тоа го прават во емисиите „Што мислиш кој си“ (Who do you think you are). Кај нас недостасува институционална меморија – податоци од матично и пописи, како и извори на низа други информации за контекстот, од архиви на локални медиуми кои кај нас се појавиле стотици години подоцна од Велика Британија и САД, до деталите од дневници или семејни хроники, за кои немаме традиција. Најголем дел од предците на денешните жители на Македонија биле неписмени – според американскиот патеписец Роберт Сент Џон, тој процентот кај нас во 1946 година бил околу 80%.

За разлика од претходните генерации, информатичките технологии ни овозможуваат навидум вечно помнење не само на „официјалните“ податоци од интерес за историјата, туку и на илјадници детали од нашите животи на обичните луѓе. Нашите потомци ќе имаат прилики за нас да добијат многу слика со многу поголема резолуција отколку што ние можеме за нашите предци од пред само две-три генерации. Оти тие нема да имаат на располагање грст имиња и можеби датуми, некоја пожолтена фотографија и надгробен споменик, по некоја усно пренесена анегдота или семејна легенда. Пренесувањето информации преку интернет се врши со копирање. За да ја прочитате колумнава се направени десетици копии од текстов – од компјутерот на авторот преку апликацијата за е-пошта до уредникот до серверот на сајтот до вашиот компјутер. Само преку тој процес постојат големи шанси дека од текстот останала „трага“ на десетици различни сервери. Штом е објавен на интернет, текстот е достапен и веројатно зачуван од низа пајаци/пребарувачи, агрегатори… автоматски се направени копии за бекап, или рачно од читатели, со и без дозвола…

Истото се случува и со другите податоци кои ги оставаме на веб, по социјалните мрежи, во „облакот“, кои ги истураме низ јавни, но и приватни чатови, инстаграми, твитови, коментари на форуми, под наше или друго име, со вклучени или не сетинзи за приватност. Многу скоро ќе им се придружат и податоците поврзани со здравството, како и генетски (ДНК) профили. Во моментов профитни компании покренуваат акции за скенирање книги со истечени авторски права од јавни библиотеки. Дел од нив завршуваат на сајтови како archive.org – бесплатно достапни, но има случаи и на нивно комерцијално затворање. Друг извор на „историски“ дигитални податоци е е-отпадот – жнеење на заборавените фајлови од дисковите на фрлени компјутери и дигитални фотокопир машини, како и заматкани ЦД-а.

Сето тоа ќе се чува  и обработува од компании кои на нашите потомци ќе може да им понудат услуги од типот „дознај каков човек бил дедо ти“. Апликации со вештачка интелигенција и способности на Шерлок Холмс ќе може инстантно да изанализираат дали некој бил злобен, или добронамерен, чесен или перфиден. Како се однесувал кон парите – од кај ги добивал, на што ги трошел. Кога и со кого флертувал онлајн – и дали има и други негови потомци надвор од официјалното семејно стебло. Кои сајтови ги посетувал и со кого сè комуницирал. Што кажувале другие за него. Кои вредности ги промовирал, како се однесувал при важни настани. Дали во осетливи ситуации ширел омраза или се залагал за мир… молчел или говорел храбро.

Цената на компјутерска меморија ќе продолжи да паѓа и можностите за копирање ќе се зголемуваат со тек на време, па во игра ќе бидат и лични податоци од државни бази. Дел од нив во текот на нашиот живот би требало да бидат законски заштитени, но би станале достапни како дел од историската граѓа.  Ако земеме предвид каков скок во квалитетот на пронаоѓање податоци обезбедија пребарувачите од типот на Гугл во последните две децении, може само да замислиме какви системи за вештачка интелигенција ќе може да бидат с’снати по нашето „дигитално наследство“, во комбинација со логовите на провајдери и слични затурени архиви кои ќе станат достапни за пари. Таквите пребарувања ќе може да создадат прилично прецизна слика за нашето секојдневно однесување и голем дел од нештата што ни значеле доволно за да ги искоментираме или само лајкнеме.

Една од пораките на Хомеровите епови е дека бесмртноста доаѓа преку сеќавањето на луѓето. Хероите како Ахил биле луѓе кои направиле дела достојни за пофалба, или пак имало кој да им ги претстави како такви. Од аспект на ѕиркање во минатото, нашите потомци ќе имаат можности да ни го „мониторираат“ животот попрецизно од прислушкувачите на КГБ, Штази и други тајни служби. За подобро корисничко искуство, по нарачка ќе биде можно и буквално да се реконструираат и нашите ликови, во форма на холограми или андроиди.

Нацистите граделе според концепт за „вредност на урнатините“ (ruin value) – проектирале со умисла како ќе им изгледаат градбите по илјадници години, па клучно им било дури и да се срушат да делуваат грандиозно. На потомците сакале да им испратат архитектонски пораки кои би им покажале дека нивното владеење била возвишено и успешно. (Само 70 години подоцна, најголем дел од тие градби веќе не постојат, а урнатините се паметници на најцрниот период од историјата на Европа.) Ние го немаме луксузот на такви илузии, оти по нас ќе останат „тони“ дополнитени податоци покрај евентуалните материјални остатоци кои бездруго кога-тогаш ќе се претворат во прав. Затоа треба да бидеме свесни дека токму она што го правиме на интернет денес, ќе остане како слика за нас утре. Убава или грда, во голема мерка зависи од нас.

Филип Стојановски