Што нуди Еразмус програмата за мобилност за македонските студенти?

Многу студенти во Македонија сакаат да студираат во странство, но најчесто тие желби завршуваат со посетата на Студентски прашања и нејаснотиите во чекорите за аплицирање. Сите сме слушнале за Еразмус програмата, но како да станеме дел од неа, што нуди и со кои универзитети соработува нашиот?

Еразмус

Еразмус постои од 1987 година, и се дефинира како „програма која ја поттикнува мобилноста на студентите и наставните кадри вклучувајќи високообразовни институции и други клучни актери во економијата базирана на знаење“.

За студенти Еразмус нуди месечна поддршка од 335 евра за студиски престој, ослободување од сите студиски трошоци и давачки на институцијата во странство, како и признавање на студентските кредити на институцијата-домаќин по враќањето на домашниот универзитет. Пред заминување во странство, апликантите можат да користат и подготовка за престој во друга држава преку интензивни јазични курсеви.
Освен придобивките во однос на квалитетот на образование и фактот дека вашето CV ќе биде побогато, тоа е и одлична можност за запознавање на друга култура и нови јазици, зголемување на компетентноста и самодовербата, а може да се каже и – една нова авантура.

Сѐ звучи идеално, сѐ додека не ја отворите веб-страницата на вашиот факултет. Со кои универзитети соработува, дали е значаен вашиот просек, дали на секој факултет има каде да се обратите за да ви појаснат?
„Сите информации што ги добив беа од сајтот на мојот факултет и од директна комуникација со професорката што е Еразмус координатор на Филозофскиот факултет. Второто беше далеку покорисно, бидејќи голем дел од документите на страната се или стари или предоцна ги ажурираат. Вака бев информирана за сѐ од прва рака и најбрзо што е возможно“, вели студентката Ј.Ѓ, чија апликација неодамна била одобрена.

„Дополнителни критериуми за добиње на грантот нема, истите се кои ги пишува на веб-страницата. Единствен фактор што е важен е конкуренцијата, затоа што се прави споредба со останатите апликанти“.

Носители на Еразмус универзитетската повелба се повеќе од 2000 институции за високо образование ширум Европа.Начелно, секој факултет потпишува акт или договор за соработка со факултет од друга земја, со кој се препознава студиски престој во друга земја.Секој студент може да се информира за тоа кои факултети имаат потпишано договор за соработка со неговиот кај Продеканот за меѓународна соработка или Еразмус координаторот. Условот за да се биде дел од Еразмус програмата за мобилност на студенти е да биде редовен студент на акредитирана високообразовна институција (на додипломски студии најмалку втора година, или на студии од втор и трет степен), која е носител на Еразмус универзитетската повелба.

„Вкупно 12 универзитети во Република Македонија се носители на повелбата во периодот од 2014 до 2020 година. Во следните години може да се пријават и други универзитети. Инаку, во однос на селекцијата на студенти и професори кои аплицираат, неа ја вршат самите универзитети. Тие одлучува на кои индивидуи ќе им биде доделен грантот“, вели Александар Богојевски, советник во Одделение за нормативно правни дејности и административни работи.

Заинтересираните студенти може да аплицираат во интернационалната канцеларија, или во националната агенција во нивната матична држава. Агенцијата ги информира за можностите за студирање во странство, како и за критериумите како да се аплицира и да се добие Еразмус+ грант од Европската Унија. Студискиот престој трае најмалку 3, а најмногу 12 месеци.

Стефанија Тенекеџиева

Текстот е напишан во рамките на работилницата посветена на студентскиот стандард, која ја организира Радио МОФ од 27 до 29 септември годинава.