„Што е силеџија“ – претстава за „заразниот гнев“ во Театар за деца и младинци

Проблемите со врсничкото насилство е една од главните теми на претставата „Што е силеџија“, која ќе може да се погледне утре, на 18 ноември со почеток во 19 часот.

Претставата ќе се одигра на сцената на Театарот за деца и младинци. Автори на текстот на претставата се Горјан Милошевски и Хана Миленковска, која исто така е и режисер на претставата.

Подлабоко во самата драмска содржина, „Што е силеџија“ се осврнува кон проблемот на силеџиството во општеството, како и на гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев.

„Веќе не е доволно и не помага само да се зборува за силеџиите и нивниот чин на насилство, да се прави претстава или филм во кој гледаме како насилни индивидуи малтретираат други индивидуи. Веќе живееме во време кога сме освестени за повеќеслојноста на овој проблем. Мора да се најдат причините, настаните, луѓето кои од едно нормално дете, еден чист човек направиле силеџија. Кои се силеџиите на силеџиите? Кои се факторите за еден човек да манифестира силеџиство“, се вели во краткиот опис на претставата.

Димитар Димитров

Според режисерката Хана, ваквите проблеми и прашања треба да се разгледуваат преку семејството, игралиштето и школото.

Приказната во „Што е силеџија“ се врти околу еден инцидент во кој учествуваат петте средношколци Васил, Стефан, Марија, Мартин и Луција.

Во улога на затекнатите ученици ќе настапат актерите Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова.