„Што е филм?“ – филмска програма, предавања и разговори во Музеј на современа уметност

На 1 април (понеделник), започнува редовната филмска и видео програма на Музејот на современата уметност, со серија филмски проекции, разговори и предавања, со наслов „Што е филм?“

Првата авторка чие творештво ќе биде претставено е Сафија Бенхаим, која во своите филмови го истражува прогонот како тема, но и недефинираната граница меѓу документаристиката и играниот филм.

„Што е филм? Сафија Бенхаим“ ќе започне на 1 април во 20 часот во МСУ со проекција на филмот „Магична треска“ (La Fièvre / Франција, Мароко /40’ / 2014), проследена со разговор.

Вториот ден ќе стартува со отворено предавање во 12 часот, и ќе заврши со проекција на филмот „Темна крв“ (Le sang noir / Франција / 38’ / 2018). Разговорите после проекциите, како и предавањето ќе го модерираат кураторката на програмата Кумјана Новакова и реномираниот француски куратор и теоретичар, директор на фестивалот од Лузас, Кристоф Постик.

„Редовната програма на МСУ филм и видео /Што е филм?/ претставува серија на филмски проекции и разговори, со цел долгорочно програмирање, истражување и презентација на извонредни аудиовизуелни дела, кои го дефинираат широкиот спектар на филмската уметност во целиот нејзин современ израз. Редовната програма на МСУ филм и видео е подржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Еуролинк Осигурување“, велат од МСУ.

Преставувањето на Сафија Бенхаим во склоп на програмата „Што е филм?“ се реализира во соработка со третата регионална лабораторија на експериментален и креативен документарен филм ACTive #3, којашто е подржана од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (NED).