Штипскиот универзитет доби нов придружен член

Институтот за Современи Композити и Роботика од Прилеп (ИСКР) стана придружен член на Универзитетот “Гоце Делчев” Штип (УГД), со што се формира едно од малкуте приватно – јавни партнерства во областа на образованието во Македонија.

угд

Со потпишувањето на овој Договор за придружно членство, веќе воспоставената соработка дополнително ќе се продлабочи и ќе се воспостават услови за проекти кои активно ќе ги вклучат двете институции.

Веќе се направени прелиминарни планови со Технолошко- техничкиот факултет при УГД за модифицирање и осовременување на веќе постоечките програми за прв циклус на студии по Нови технологии и материјали дисперзирани во Прилеп, како и дефинирање и подготовка на заеднички елаборати за нови програми за втор и трет циклус студии од областа на современите композитни материјали. За развојот на поставените цели од страна на УГД и ИСКР дополнителна можност е објектот на Универзитетот во Прилеп кој инфраструктурана е во близина на ИСКР со што ќе се овозможи непречено взаемно користење на ресурси.

УГД денес имаше чест и задоволство да го потпише договорот за соработка со Институтот за современи композити и роботика. Ова е веќе седмата придружна членка на УГД. Заедно имаме големи планови за соработка. Плановите за соработка се во делот на размена на студенти, а и на идеја сме да формираме докторски студии кои за првпат се организираат во Македонија заедно со стопанството. Вака ќе привлечеме и студенти од странство кои ќе се оспособат за најсовремени методи во оваа специјалност, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Саша Митрев.

Идејата за новите програми кои двете институции ќе ги нудат заедно или одделно, се базирани на актуелните трендови во индустријата и вештини и знаења од кои има реална потреба на пазарот за современи материјали и технологии. Преку оваа соработка ќе се овозможи активна практична настава со користење на современа опрема за испитување, тестирање, анализа и производство, со цел студентите кои ќе се одлучат за овие програми да бидат високо-квалификувани и да можат да одговорат на предизвиците и барањата на индустријата и пазарот за работна сила.

Обединувањето на стручниот кадар и опремата со која располагаат и дополнително ја планираат двете институции, ќе значи формирање на Центар за образование, истражување и развој на композитни материјали и технологии со примена на роботика, кој соодветно на постоечките и предвидените капацитетите ќе се издигне помеѓу врвните научно- истражувачки центри од ваков вид во Европа.

„Во минатото имавме ние одредена обработка на заеднички проекти, но со овој договор стануваме придружна членка на Универзитетот. Го одбравме овој универзитет затоа што нашите визии и научно истражување се многу блиски и дека нашите идеји најдобро можеме да ги реализираме со овој универзитет. Ова ќе донесе една нова свежина и нови можности за новите студенти да изучуваат насоки кои се многу популарни во светот и се многу барани на светско ниво“, вели Драган Велјановски, директор на Институтот за современи композити и роботика.

Двете институции ќе настојуваат во сите активности кои ќе ги спроведуваат да вклучат претставници од стопанството и да формираат партнерства со меѓународни истражувачки центри и институти, со кои ќе разменуваат информации и практики за потребите, актуелните трендови и побарувачката на пазарот и ќе ги имплементираат во студиските програми.