Штип е студентски центар, а цела деценија нема кино

Штип е град без кино повеќе од десет години. Иако веќе седум години е студентски центар, овој град скоро и да нема што да им понуди од културен карактер на граѓаните кои живеат овде. Во деведесетите и на почетокот на новиот милениум градот можеше да се пофали со две кино установи, од кои едната беше исклучиво за летни проекции.

Штип е студентски центар, а повеќе од една деценија нема кино

Повозрасните го паметат летното кино како многу важен културен центар на градот. Овде секојдневно се прикажувале неколку филмски проекции и седиштата секогаш биле пополнети.

„Едвај доаѓавме до билети, по завршувањето на работниот ден приоритет ни беше одењето во кино, а после филмската проекција се дружевме и забавувавме на игранките во летната бавча Бриони. Се сеќавам еднаш бев болна и имав многу висока температура, но тоа не ме спречи да одам на кино, гледањето филм ни беше дел од секојдневниот живот и уживавме во тоа“, вели за Радио МОФ, 62 годишната штипјанка Ружа Лепиткова.

По затворањето на штипското летно кино, просторот неколку години функционираше како летна дискотека во која се одржуваа многу концерти од странски и домашни групи. Ретко кој од помладите се сеќава дека овој простор некогаш бил летно кино. Тие сега растат без да знаат што е тоа големо платно и што значи кино културата. Тие имаат слаб избор за посета на културни манифестации, па повеќето од нив го поминуваат своето време „на кафе“ во градските кафулиња или дома пред компјутер. Многу мал е бројот на младитете кои финансиски можат да си дозволат филмска проекција или посета на некој друг културно – уметнички настан во главниот град.

Штип е студентски центар, а повеќе од една деценија нема кино

Ретки се шансите во Штип кога главно студентите можат да уживаат во големото платно.

„Во Штип филмови можеме да гледаме 3-4 пати во годината и тоа кога ќе излезе некој нов македонски филм, или на недела на германскиот филм која се организира од страна на мултимедијалниот центар при Универзитетот „Гоце Делчев“.  На друго место нема филмски проекции иако треба да има. Среќа е што имаме театар, но и таму ретко се одржуваат претстави и тие што се одржуваат не се нешто посебно, а за кино треба да се оди дури до Скопје“, вели Тамара Стефановска студентка на УГД.

Трошка надеж за штипјани влеваат најавите дека некогашното летно кино ќе се реновира, но многумина велат, да видиме – па ќе поверуваме.

Проектот за реновирање на штипското летно кино се води преку партнерство помеѓу општина Штип и општина Гоце Делчев од Бугарија и е финансиран од страна на европската унија. Финансиските средства обезбедени за овој проект чинат вкупно 450 000 евра, по 150 000 евра за двете општини, а во својот дел општина Штип треба да вложи дополнителни 150 000 евра.

Штип е студентски центар, а повеќе од една деценија нема кино

Според координаторот на проектот за реновирање на овој простор од центарот за развој на источниот плански регион Емил Василев, ова ќе биде единствен мултимедијален центар од таков карактер во источниот регион.

„Според договорот кој го имаме потпишано, со изградба на проектот ќе се започне оваа пролет, а се очекува да биде завршен до декември 2015 година. Мултимедијалниот центар кој ќе го добијат штипјани ќе биде затворена градба и ќе брои околу 120 седишта. Планиран е за одржување на настани од културно – уметнички карактер како што се филмски проекции, театарски претстави, концерти и слично. Предвидена е и изградба на мала сала која ќе служи за конференции“, појаснува Василев.

Во меѓувреме кафулињата остануваат место за конзумирање „култура“ на младите од Штип. Времето ќе покаже дали штипјани повторно ќе добијат кино и дали ќе заживее културниот простор на градот како што доликува на еден студентски центар.

Сенада Ибраимова