„Шрапнел“ – нов роман на Игор Анѓелков во издание на „Или-Или“

Вo понеделник, на 24 февруари, од печат излегува новиот роман „Шрапнел“ од Игор Анѓелков.

Седум години по „Фото синтеза“, во неговиот трет роман Анѓелков низ неколку наративни линии ги преиспитува суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното.

„Шрапнел“ е 181 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, за чиј дизајн на корицата се погрижи Марија Смилевска. Во понеделник книгата по промотивна цена ќе може да се купи во ИЛИ-ИЛИ, а веќе од следниот ден и во другите книжарници во Скопје и низ државава.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со години наназад активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk. Официјалното книжевно деби го имаше во 2006 година со збирката раскази „Кротки приказни“, a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013), кој беше финалист за „Рациновото признание“. Анѓелков зад себе има и две дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), за која ја доби Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“, и „Филмски град“ (2018). „Шрапнел“ е негов трет роман.