Шпанските новинари кои беа заробени во Сирија пуштени на слобода

Тројца шпански новинари-хонорарци кои беа заробени во Сирија речиси 10 месеци се вратија дома. Антонио Памплиега, Хосе Мануел Лопез и Ангел Састре се обединија повторно со своите семејства во Мадрид. Шпанската влада нема коментар за тоа како успеале да го обезбедат нивното ослободување.

Премиерот Мариано Рахој објави фотографија од новинарите како се симнуваат од авионот, со наслов „Добредојдовте!“, на неговиот официјален Твитер профил.

„Сојузничките и пријателски“ земји помогнале во ослободувањето на новинарите, објави кабинетот доцна во саботата. Особено се споменуваат Турција и Катар, кои помогнале „особено во последната фаза на ослободувањето на новинарите“.

Тројцата новинари исчезнаа на 12 јули, близу градот Алепо во северна Сирија. Во тоа време, регионот беше под контрола на гранката на Ал Каеда во Сирија, фронтот Нусра.

Националната шпанска телевизија објави дека новинарите заминале во кафуле во Мадрид со своите роднини и пријатели, каде им се јавил кралот Фелипе. За медиумите тие изјавиле дека не знаат во кој дел од Сирија ги чувале, пренесува Guardian.

Сите тројца се искусни новинари кои имале работено во Сирија и претходно, вели Елса Гонзалез, претседателка на Шпанската федерација на новинари.

Тројца други шпански новинари беа ослободени во март 2014, откако беа заробени од сириски екстремисти со месеци.