Шпанскиот суд го блокираше референдумот кој властите во Каталонија сепак ќе го одржат

Уставниот суд во Шпанија го суспендираше законот за референдум кој беше усвоен од Парламентот во Каталонија, со кој ќе се гласа за независност следниот месец.

Судот соопшти дека ќе разгледа дали законот го прекршува шпанскиот Устав, пренесува ББЦ.

И покрај одлуката, каталонските власти велат дека гласањето ќе се одржи според планираното на 1-ви октомври.

Шпанскиот премиер, Маријано Рахој, изјавил дека покренал постапка пред Уставниот суд за да го прогласи референдумот за нелегален, опишувајќи го законот како „недозволив чин на непослушност“.

Рахој изјавил дека локалните советници ќе бидат предупредени за нивните „должности да спречат или да оневозможат“ одржување на референдумот.

„Тоа што не е легално, не е ниту демократски“, изјавил Рахој.

Каталонија, северо-источниот богат дел од Шпанија, веќе има одредена автономија, но регионалната Влада смета дека има доволно поддршка од граѓаните за целосно одвојување како самостојна држава.

Неколку часа пред одлуката на Уставниот суд, каталонскиот Парламент ја одобри правната рамка за преодниот период, во случај граѓаните да изгласаат независност на референдумот.

 

Претходно и државниот обвинител, Хозе Мануел Маза, пред новинарите изјавил дека побарал од безбедносните сили да ги истражат подготовките на властите во Каталонија за одржување на референдумот. Тој најавил дека ќе подигне кривични обвиненија против членовите на каталонскиот Парламент за гласањето за референдум, како и против членовите на каталонската Влада за потпишување на законот.

Каталонската Влада има мнозинство во регионалниот парламент составен од сепаратистичката коалиција „Хунтс пел Си“ (Заедно за Да) и левичарската партија ЦУП.

Користејќи го хаштагот #josigno, градоначалниците низ Каталонија објавуваат сопствени слики на Твитер, на кои потпишуваат формални декларации на поддршка за референдумот.