Шпанскиот Сенат со гласање од далечина го ратификуваше Протоколот за членство на земјава во НАТО

Со нула гласови „против“, шпанскиот Сенат на пленарна седница преку електронски пат и официјално го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Шпанија беше последната земја на која се чекаше за ратификација, за земјава да стане дел од Алијансата.

Ова денес го потврди и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој одржа заедничка прес-конференција со амбасадорот на Шпанија, Лоренцо Сера.

„Oва прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија“, истакна меѓу другото шефот на дипломатијата Димитров.

Според него, со ова се завршува еден тридецениски напор, стремеж, да станеме дел од северо-атлантското семејство.

„Изградивме капацитети и способности со кои активно ќе учествуваме во напорите на Алијансата за справување со сите безбедносни предизвици. Нашето членство ќе значи поголема регионална безбедност, поголема регионална стабилност, а со тоа и поголема транс-атлантска врска. Тоа нас ни дава предвидливост, што не’ прави поинтересни за странските инвеститори“, рече тој.

Димитров дополни дека членството на земјава во НАТО има уште поголемо значење, бидејќи, вели тој, се случува во време кога човештвото се соочува со заканата од новиот коронавирус и кога солидарноста е најмоќното оружје за справување со оваа опасност.

Членството во НАТО го окарактеризира како „заеднички успех на сите граѓани и инвестиција во идните генерации“.

Амбасадорот Сера, пак, нагласи дека Шпанија минува низ многу тешки времиња, а Сенатот направил нешто што е целосно ново за оваа пиринејска земја, бидејќи за прв пат во историјата се гласаше електронски, од далечина.

„Беше многу важно да го ратификуваме Протоколот. Одложувањето на ратификацијата од Шпанија се должи на напријатни околности. Априлските избори ги повторивме во ноември и затоа толку долго ни требаше да ратификацијата“, рече шпанскиот амбасадор.

Инаку, во Сенатот своите гласови ги депонираа 247 од вкупно 265 сенатори. Претседателката на Сенатот, Пилар Лоп беше единствена присутна во салата на Сенатот.