Шпанскиот премиер назначи 11 жени и 6 мажи во новата влада

Новиот социјалистички премиер на Шпанија, Педро Санчез, назначи 11 жени и шест мажи во неговата влада, истакнувајќи дека новиот владин состав е „несомнено посветен на еднаквост“ и планира да ги отсликува промените во шпанското општество.

Соопштувајќи ги своите одлуки за министри на синоќешната пресконференција, премиерот изјави дека ова ќе биде првиот владин состав со мнозинство жени од враќањето на демократскиот систем во Шпанија по смртта на генералот Франциско Франко во 1975 година.

„Ова е многу квалификувана влада за општество со еднаква претставеност, отворена кон светот, но со сидро во Европа“, изјавил Санчез.

Тој истакнал дека националниот феминистички штрајк од 8-ми март претставувал точка на пресврт за родовата еднаквост во државата.

Меѓу членовите на владата се и Кармен Калво, поранешна министерка за култура, која сега ќе ја извршува функцијата заменик-премиер и министер за еднаквост. Министерка за економија е Надиа Калвино, која досега ја вршеше функцијата извршен директор за буџет на Европската комисија.

Министерка за правда ќе биде Долорес Делгадо, досегашна обвинителка специјализирана за човекови права и случаи на тероризам, додека Мерител Батет е министерка за територија, која ќе треба да ја надгледува кризата со независноста на Каталонија.

Жени се назначени и на министерските позиции за одбрана, финансии, образование, труд и социјална политика, индустрија и туризам, здравство и за екологија.

Меѓу останатите министри во владата на Санчез се вклучени и астронаутот Педро Дуке, кој е назначен за министер за наука, иновации и универзитети, како и новинарот и писател Максим Хуерта, кој е назначен за министер за култура и спорт.

46-годишниот премиер Санчез, поранешен професор по економија, успеа да го отстрани од функцијата неговиот конзервативен претходник Маријано Рахој, преку изгласување недоверба минатата недела во шпанскиот парламент, по еднонеделните протести поради наводите за корупција во партијата на Рахој.