Шпанскиот ансамбл „Ла фура делс Баус“ вечерва ќе го отвори Охридско лето

Со изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф, на шпанскиот ансамблот „Ла фура делс Баус“ на сцената на Античкот театар во Охрид ќе биде отворено 55. јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.

Концертот ќе се случува во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија, а под диригентската палка на Хозеп Висент. Од ансамблот „Ла фура делс Браус“ најавија дека ќе на концертот ќе бидат вклучени и видео ефекти, кои ќе претставуваат уште еден инструмент во целата музичка претстава. „Ла Фура делс Баус“ при настапите користат и други материјали како што се вода, воздух, оквири, парфеми, за вклучување на сите чувства на публиката.

Според селекторот на драмскиот дел од програмата на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски секоја претстава на 55. фестивалско издание ќе биде изненадување, екстракт на љубов и убавина. Гордана Јосифова-Неделковска пак, како селектор на музичкиот дел на фестивалската програма посочи дека изминатите години трагале по уметник-ѕвезда од светски калибар и годинава ќе понудат нешто ново, поинакво.

На свеченото отворање на 55. Јубилејно издание на Охридско лето вечер ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој претходно во Вилата „Билјана“ ќе ги прими организаторите на фестивалот и членовите на ансамблот „Ла фура делс Баус“ од Шпанија.