Шпанската Јутјуб ѕвезда чиј канал има повеќе претплатници од Бијонсе и Лејди Гага заедно

Рубен Доблас Гундерсен можеби е еден од најпознатите луѓе за кои досега не сте слушнале. Момчето познато меѓу своите обожаватели како „Ел Рубиус“ е шпанска суперѕвезда на Јутјуб, чиј канал има 20, 9 милиони претплатници, со што ги надмина каналите на Бијонсе и Лејди Гага заедно.

Слично како Пјудипај и калифорниското дуо Смош, Гундерсен се приклучува на оригиналниот бран на Јутјубери, познати по нивните енергични видеоблогови. Тој денес е осми најпопуларен корисник на Јутјуб.

Сепак, и покрај неговата огромна база на поддржувачи, Гундерсен е релативно непознат надвор од Шпанија. Ова интервју, направено во неговиот минималистички апартман во Мадрид, е неговото прво за странски медиум.

Тој започнал да ги снима неговите видеоигри на 16 години за да ги забавува пријателите и да ги споделува снимките, со хумористични коментари. Среќен што месечно имал по 400 прегледи, Гундерсен бил изненаден кога неговото видео за играта The Elder Scrolls V: Skyrim имало 600 000 прегледи за само една недела. Бројот на претплатници брзо пораснал, па до својата 21 година сфатил дека правејќи видеа на Јутјуб би можело да стане негова кариера.

Неговите претплатници се претежно момчиња од 14 до 22 години. Повеќето од нив се од Мексико, Шпанија и Аргентина. Тој почнал да ја чувствува својата слава кога ја посетил Аргентина пред две години.

„Три илјади луѓе чекаа на аеродромот. Ние немавме организирано обезбедување, така што сите врескаа и ме грабаа“.

Овој видеоблогер вели дека му е јасно за структурата на неговата публика, па затоа во неговите снимки нема пушење, или пиење алкохол. Тој вели дека социјалните мрежи не ги заштитуваат доволно своите корисници од малтретирање.

„Интернетот им овозможува на луѓето да кажат што сакаат без многу размислување“, смета Гундерсен.

Тој досега соработувал со големи компании, како Пепси и Мекдоналдс, но вели дека никогаш нема да дозволи рекламирањето да влијае на неговата содржина.

Сепак, останува скромен кога станува збор за неговата слава.

„Јас го правев ова и кога имав само 400 прегледи – тоа што добив четири милион е само бонус“.

Гундерсен сака неговите поддржувачи да знаат дека тој е обичен интернет корисник како нив.

„Моите видеа велат дека е во ред да се биде различен. Мислам дека тие ги прават луѓето да се чувствуваат помалку осамено“.