Шпанска министерка си даде оставка поради сомнежи за нејзината магистратура

Mинистерка за здравство на Шпанија, Кармен Монтон синоќа си даде оставка по низа оспорувања за нејзината магистратура, пренесува АФП.

Шпанските медиуми претходно објавија дека 42-годишната Монтон добивала преодни оценки на Универзитетот во Мадрид иако не посетувала предавања, а се отворија сомнежи и дека го препишала трудот.

„Комуницирав со претседателот на Владата за мојата оставка“, изјави Монтон пред новинарите, потенцирајќи дека била „транспаретна и искрена“, не сторила ништо лошо и нејзината совест била јасна. Оставката, според неа, е да не прави штета на владата на Педро Санчез.

Инаку, премиерот Санчез дојде на власт ветувајќи свежина по владеењето на конзервативниот Мариано Рахој, па веднаш доби пофалби за назначување кабинет составен претежно од жени.

Монтон е втор функционер што си замина откако владата беше формирана во јуни. Министерот за култура и спорт Максим Хуерта поднесе оставка по објавите дека е казнет за даночна измама.