Шпанска лабораторија затворена по снимките кои покажуваат суров однос кон тестираните животни

Регионалните власти во Шпанија привремено ја запреа целата активност во објект за тестирање врз животни по објавувањето на прикриени снимки на кои се гледа дека животните се малтретирани и сечени без или со несоодветна анестезија, пренесува Гардијан.

Од 2000 година, организацијата за истражување Вивотекнија, со седиште во Мадрид, спроведува експерименти врз разни животни, од мајмуни до зајаци, за биофармацевтска, хемиска, козметичка, тутунска и прехранбена индустрија. Објектот во минатото обезбедуваше финансирање за своите проекти од властите на ЕУ и Шпанија.

Минатата недела, организацијата Cruelty Free International, објави снимки кои како што велат, покажуваат суровост и злоупотреба врз животните. Снимките ги добиле од извор кој работел во објектот помеѓу 2018 и 2020 година.

Вчера, властите во Мадрид соопштија дека ја прекинале секоја активност во Вивотекнија откако инспекцискиот тим го посетил објектот и потврдил „знаци на малтретирање на животните“.

„По проверка на фактите, истражувачките активности во центарот беа веднаш, привремено прекинати и воведена е забрана за вршење на какви било нови проекти кои вклучуваат животни“, рече регионалната влада во соопштението. Властите, исто така, се во контакт со полициските служби за заштита на животните во случај некој од наодите од објектот да претставува кривично дело.

Животните пронајдени во објектот сега се под грижа и надзор на регионалната влада и ги чува ветеринар на самото место.

ЕУ обезбедила 630 000 евра од 2010 година за да финансира два проекти во објектот. Портпарол на Европската Комисија изјави дека видеото покажува неприфатливи стандарди за благосостојбата на животните и кршење на ЕУ директивата, која предвидува страдањето на животните што се користат во експерименти да се сведе на минимум. Животните да се користат само кога нема друга алтернатива и бројот на користени животни да се сведе на минимум.

„Комисијата очекува шпанските власти да ја испитаат работата во целост и да појаснат како е дозволено да се случи оваа ситуација“, додаде портпаролот.

Главниот извршен директор на Вивотекнија, Андрес Кониг, се обрати по објавувањето на снимките со изјавата: „Гледав со длабока загриженост на сликите и видеата што неодамна беа објавени во медиумите, слики што ме оставија шокиран и разочаран“.

Тој опиша некои слики како „особено ужасни“ за него, бидејќи тие ги кршат напишаните протоколи на компанијата, додавајќи: „Искрено верувам дека овие слики навистина не ја демонстрираат секојдневната реалност во Вивотекнија за време на нашето 21-годишно постоење . Сепак, дури и ако ова е изолирана појава, тоа бара да преземеме силни мерки за да спречиме тоа да не се повтори “.

Случајот поттикна и онлајн петиција со која се повикуваат властите во Мадрид веднаш да го затворат објектот, која собра повеќе од 224 000 потписи, додека неколку прифатилишта за животни соопштија дека се подготвени да ги примат животните од објектот.