Шпанија планира да воспостави постојан основен приход во пресрет на пандемијата на коронавирус

Шпанија планира спроведување на постојан основен приход за да им помогне на работниците и семејствата погодени од пандемијата од коронавирусот.

Министерката за економија, Надја Калвињо за шпанските медиуми истакнала дека Владата планирала да воведе парични придонеси кои ќе им помогнат на фамилиите да ја стабилизираат својата финансиска состојба.

Таа додала дека оваа мерка е фокусирана кон фамилиите, но дека истата ќе варира во зависност од нивната состојба.

Сè уште не е детално објаснето како ќе функционира добивањето на додатокот, бидејќи воведувањето на мерката е во рана фаза. Но, најверојатно истиот би функционирал како парично олеснување за граѓаните со ниски приходи.

Ова би се разликувало од универзалниот основен приход, кој подразбира неповратни редовни парични средства за секое домаќинство.

Шпанија на 14 март вовела национална блокада во обид да го спречи ширењето на вирусот, ефикасно затворајќи ја својата економија, со повеќе од 135.000 потврдени и 13.000 смртни случаи.

Досега, Шпанија искористила бројни мерки за да обезбеди финансиско олеснување и за граѓаните и за корпорациите.

Калвињо не понудила одреден датум кога основните приходи би можеле да се воведат во земјата. Но, таа истакнала дека владата се надева дека тие ќе бидат перманентни, односно ќе се задржат по крајот на пандемијата.

„Ние ќе ја воведеме меркат што е можно поскоро, за таа да може да биде корисна не само во оваа вонредна ситуација, туку засекогаш“, соопштила Калвињо.

Извор: Insider