Шпанија може да биде првата држава во ЕУ чиј национален парк е ставен на „црна листа“ на УНЕСКО

Шпанскиот национален парк со 2 000 видови на диви животни и речиси шест милиони птици преселници најверојатно ќе се приклучи на листата на „наследство во опасност“ на УНЕСКО.

Доњана е андалузиски резерват со песочни дини, плитки потоци и лагуни, кој се протега на 540 квадратни километри, каде фламингосите се хранат, а дивите коњи и Иберискиот рис се уште се шетаат.

Но, регионот Доњана изгуби 80 отсто од своите природни извори на вода поради дренажа на мочуриштето, интензивното земјоделство и загадувањето на водата од рударската индустрија.

Шпанија сега има рок до 1 декември да ги прекине сите индустриски активности според последната одлука на УНЕСКО, или во спротивно ќе биде првата држава во ЕУ која ќе има национален парк класифициран како „во опасност“.

Ева Хернандез, портпарол на Светскиот фонд за природа започна кампања за да го зачува националниот парк. Таа вели дека состојбата во паркот станала критична.

„Биодиверзитетот на Доњана еродира во последните 40 години и достигнуваме точка од која нема враќање“ рече Хернандез.

„Можеме да направиме работи за да го повратиме паркот, и некои работи се направени, но притисокот од приватните и државните компании стануваат неподносливи. Ние мора да одлучиме дали е поважно да ги користиме сите ресурси на Доњана, или да го зачуваме нејзиниот биодиверзитет и услугите на луѓето“.

Според извештајот на Светскиот фонд за природа, повеќе од 1000 нелегални бунари направени од страна на земјоделците го забрзуваат уништувањето на паркот, така што растенијата отпорни на суша значително ги заменуваат оние растенија кои зависат од водата.

Шпанија ја прогласи областа под Доњана како „стратешко место за гас“ и дозволи истражување и складирање од приватна компанија.

Она што најмногу предизвика револт е планот на властите во Севиља да го ископаат брегот на реката Гвадалкивир со багери за да се овозможи пристап за товарните бродови и оние за крстарење до 2018 година.

Во последниот извештај на УНЕСКО се вели:

„Ако Шпанија не успее итно да постигне трајна и недвосмислена посветеност да се откаже од планот за продлабочување на реката Гвадалкивир, тоа ќе доведе до вметнување на овој имот на листата на светско наследство во опасност “.

Шпанскиот врховен суд донесе пресуда со која принудува привремено стопирање на проектот минатата година, но тој повторно беше ставен на дневен ред на Владата во јануари.

Европската комисија исто така, започна случај на прекршок против Шпанија, кој би можел да заврши во Европскиот суд.

Портпаролот на шпанската влада не одговори на прашањата во врска со проектите за ископување или гас, но рече: „Ние ги поддржуваме сите иницијативи за унапредување на заштитата на природната област, толку уникатна и со таква висока еколошка вредност како Доњана. Шпанија прави се што е во нејзина моќ за да стави крај на прекумерното користење на водоносните слоеви на Доњана и решавање на регионалниот проблем со недостиг на вода.”