Шпанија ќе ја суспендира автономијата на Каталонија

Шпанија ќе ја суспендира автономијата на Каталонија во сабота и ќе воспостави директна контрола врз регионот, откако каталонскиот лидер одбил да се откаже од планот за независност, соопштија од централната власт.

Оваа одлука ја внесува Шпанија во најголемата политичка криза во последните 40 години.

Мерката, која е преседан во модерната шпанска демократија, доаѓа откако каталонскиот претседател Карлес Пуигдемон се закани со продолжување на процесот на независност, доколку централната власт не прифати дијалог.

Во писмо испратено утрово до шпанскиот премиер Маријано Рахој, Пуигдемон порачал дека дијалогот е единствен начин да се спречи кризата, додека рокот на ултиматумот од централната власт истече во 10 часот.

„Суспензијата на декларацијата за независност се уште е на сила. Шпанската држава смее да го примени членот 155 од уставот само ако обезбеди согласност од сенатот. Но, и покрај нашите напори и желба за дијалог, фактот дека единствениот одговор кој ни беше даден е тоа дека ќе биде суспендирана автономијата сугерира дека вие не го разбирате проблемот и дека не сакате преговори“, стои во писмото на Пуигдемон.

„Доколку шпанската влада продолжи да го избегнува дијалогот и продолжи со репресијата, каталонскиот парламент, доколку тоа е соодветно, ќе гласа по формална декларација за независност“, дополнително е наведено во писмото до Рахој.

Во соопштение утрово, шпанската влада забележува дека Пуигдемон уште еднаш не сакал да потврди дали е прогласена независност или не:

„На вонреден состанок во сабота, кабинетот ќе гласа за мерки кои ќе бидат ставени пред сенатот за заштита на општиот интерес на Шпанците, вклучително и граѓаните на Каталонија, како и за заштита на уставниот поредок и автономните заедници“, дополнително наведуваат од шпанската влада.

Тие дополнително ги критикуваа каталонските власти за „намерно и систематско барање институционален конфликт и покрај сериозните последици по соживотот и економијата на Каталонија“.

По референдумот на 1-ви октомври, Пуигдемон потпиша декларација за независност, која веднаш потоа ја суспендираше барајќи дијалог со Шпанија.

Според претходните најави, тој планира да продолжи со процесот на независност доколку Мадрид преземе директна контрола врз Каталонија. Стравувањата се дека ваков потег може да предизвика граѓански немири во шпанскиот североисточен регион.

Членот 155 од шпанскиот устав од 1978 година, која ја утврди демократската власт по смртта на диктаторот Франко, дозволува на шпанската централна влада да воспостави директна контрола врз автономните региони во кризна состојба. Оваа уставна одредба досега никогаш не била искористена.

Во пресрет на крајниот рок од ултиматумот, се одржаа големи протести поради апсењето на два лидери на сепаратистичкото движење.

Политичките водачи во Мадрид и Барселона, се во тензични односи од оспоруваниот референдум, за кој каталонските власти велат дека резултирал со одлука за независност, додека централната шпанска власт го смета за нелегален.

Вчера шпанскиот премиер, Маријано Рахој, постави рок во кој Пуигдемон требаше да даде конечен одговор за референдумското прашање, повикувајќи го да „постапи одговорно“.

„Не е тешко да се одговори на прашањето – дали Каталонија прогласи независност? Затоа што ако го сториле тоа, владата е обврзана да постапи на одреден начин, додека ако не го сториле тоа, можеме да разговараме овде“, изјави тој во шпанскиот парламент.

Според пишувањата на шпанските и каталонските медиуми, Пуигдемон се наоѓа под притисок од влијателни фактори во движењето за независност да ја повлече суспензијата врз декларацијата за независност.

Вчера, фудбалските фанови на Барселона повикаа на политички преговори, објавувајќи огромен транспарент за време на натпреварот од Лигата на шампионите на кој пишуваше: „Дијалог, Почит, Спорт“.

Пуигдемон најверојатно има уште една опција. Доколку повика на избори во регионот, Мадрид нема да го повика уставниот член 155, според извори од централната власт.

Ова би овозможило на Каталонците да ја изберат својата иднина, на начин кој е прифатлив за централната власт, за разлика од референдумот, сметаат аналитичарите.

Сепак, шефот за надворешни работи на регионалната влада во Каталонија, Раул Ромева вчера изјави дека „за избори, во моментов, не се размислува“.

Според соопштението од шпанската влада се очекува на кабинетот да се одреди листа на посебни мерки според уставниот член 155, со кој каталонската власт би се пренела на Мадрид. Мерките би можеле да се движат од преземање контрола врз регионалната полиција и финансиите, до свикување вонредни избори во регионот.

Шпанскиот Сенат, контролиран од Народната партија на Рахој и неговите сојузници, потоа треба да ја одобри листата. Рокот за целиот процес, според шпанскиот устав, не е прецизен.

Аналитичарите сметаат дека членот 155 не дава овластување на централната власт целосно да ја суспендира автономијата и не би можела да дејствува повеќе од листата на мерки кои би ги донеле.

За Мадрид, ова е прашање на владеење на правото во Каталонија, одбрана на шпанскиот устав и казнување на, за нив, неправните и нелојалните одлуки на регионалната власт. Сепак, централната власт сака да го сведе на минимум ризикот од големи демонстрации.