Шпанија го намали ДДВ-то на заштитните маски

Шпанската влада одобри намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) на заштитните маски на 4% од претходните 21%, што може да резултира со загуба од 1.5 милиони евра од ДДВ, пренесува српски „Данас“. Со намалувањето на ДДВ, се намали и максималната цена на сите хируршки маски за еднократна кои се на продажба.

Сега, хируршка маска чини најмногу 0.72 евра, споредено со 0.96 евра претходно, наведе агенцијата „ЕФЕ“. Намалувањето на ДДВ се однесува на маските што им се продаваат на граѓаните во аптеките и супермаркетите.

Неколку граѓански организации од март бараа намалување на ДДВ на маските за да им се помогне на најранливите групи за време на епидемијата на коронавирусот.

Министерката за финансии Марија-Хесус Монтеро на барањето на граѓанското општество одговори дека законите на ЕУ не дозволуваат таква мерка, додавајќи дека Шпанија не сака Брисел да ја казни. Сепак, Монтеро неодамна изјави дека шпанската влада добила писмена потврда од Европската комисија дека нема да биде казнета во овој случај.