Шкотска е првата држава која воведува ЛГБТИ училишни лекции

Шкотска ќе стане првата држава во светот која во своите наставни програми ќе воведе предавања за правата на лезбијките, геј лицата, бисексуалците, трансродовите лица и интерсексуалците, во потег кој активистите го нарекуваат историски.

Државните училишта ќе бидат обврзани да ги подучуваат учениците за историјата на ЛГБТИ движењата, како и борбата со хомофобијата и трансфобијата, како и изучување на ЛГБТИ идентитетот, откако министрите ги прифатиле сите препораки на работната група предводена од кампањата „Време за инклузивно образование“ (ТИЕ).

„Ова е огромна победа за нашата кампања и историски момент за нашата земја. Имплементацијата на ЛГБТИ инклузивно образование низ сите државни училишта е прво во светот. Во време на глобална несигурност, ова испраќа јасна и силна порака до ЛГБТИ младите луѓе дека тие се ценети овде во Шкотска“, вели коосновачот на ТИЕ, Џордан Дали.

Истражување на кампањата открило дека 9 од 10 ЛГБТИ граѓани на Шкотска доживуваат хомофобија во училиштата, а 27% велат дека се обиделе да се самоубијат откако биле жртва на „булинг“. Нивната студија покажала и дека имало многу малку разбирање во училиштата за предрасудите кон луѓе со различни сексуални карактеристики и интерсексуалните тела.

„Шкотска веќе се смета за една од најпрогресивните земји во Европа за ЛГБТИ еднаквоста. Пресреќен сум што можам да соопштам дека ќе бидеме прва земја во светот која ќе има ЛГБТИ инклузивно образование во нашите наставни програми“, изјавил Џон Свини, заменикот премиер на Шкотска.

Шкотска редовно е меѓу водечките земји во Европа според заштитата на ЛГБТИ лицата и покрај фактот што ја имаат декриминализирано хомосексуалноста во 1980-тата година, дури 13 години по Англија и Велс.