На 17 и 18 октомври Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата организира „Школа за кореографија“ чиј концепт е развиен во соработка со Зринка Ужбинец – драматург (Хрватска) заедно со Александар Георгиев – кореограф (Северна Македонија).
На школата ќе учестуваат студентите од катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“, а ќе опфати предавања и часови по кореографија и танц кои ќе се реализираат со физичко присуство и онлајн.
„Во рамки на Школата за кореографија ќе се дискутира дискурсот за танцот и кореографијата, големо значење е да се разбере меѓусебната врска помеѓу нив, во текот на последните 10 години. Со одвојувањето на танцот се од кореографијата, танцот ја бара својата сопствена автономија, а од другата страна обратно, на кореографијата повеќе не ѝ е потребно да се појавува танцот. Во сесиите додека ќе се зборува за ослободувачкиот момент на танцувачкото тело, ќе се претстави и идејата за проширениот поим за кореографија – како една од многу важните парадигми во областа што се користи за преиспитување и постојано и повторно ре-формулирање на дискурсот на кореографијата. Оваа предложена програма го отвора подиумот за разговор за овие интересни одвојувања и поврзувања, нудејќи неколку примери и практични вежби“, соопштуваат од „Локомотива“.
Од таму потенцираат дека за време на школата ќе има ограничувања во врска со бројот на учесници и практична адаптираност на часовите, заради епидемиолошките случувања поврзани со КОВИД-19 пандемијата. Школата се реализира во партнерство со Интерарт културен центар и универзитетот „Гоце Делчев“.
„Школа за кореографија“ е дел од од програмата „Современ танц и кореографија“ на Локомотива кој е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, куриран е од Биљана Тануровска-Кулавковски, и продуциран од Виолета Качакова.
„Концептот на Школата за кореографија работи преку индивидуалните и колективните процеси и нуди две навидум различни, а сепак меѓусебно поврзани концептни линии: Автономија на танцот и проширена кореографија“, велат од „Локомотива“.